Заклучоци на одржаниот Марили Бизнис Форум

На Марили Бизнис Форумот што се одржа на 28 мај 2022 година во Охрид во организација на агенција „Марили“ беа одржани четири панел сесии на кои учествуваа претставници од Владата, од Сојузот на стопански комори, од академската фела и од реалнииот бизнис сектор. Форумот имаше за цел воспоставување економски баланс во турбулентна средина, јакнење на капацитетите на индивидуата преку личниот менаџмент, согледување на женското лидрество низ призмата на емоционалната интелигенција и ставање фокус на менталното здравје и убавина.

Низ непосредни дискусии и дебати помеѓу панелистите и публиката се наметнаа актуелните прашања и проблеми со кои се соочува бизнисот во актуелниот економски миг, но и жената како менаџер, лидер и претприемач. Оттука призлегоа и следните заклучоци во кои свое видување даваат и модераторите на секоја панел сесија.

 

Согледувањето на проф.д-р Маја Кузмановска, директор на Бизнис академија Смилевски – БАС, која беше модератор на првата панел сесија „Економски баланс – турбулентни предизвици“, а учесници Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања и Трајан Ангелоски, претседател на ССКМ, е дека институтциите треба да се фокусираат на причините а не на последиците доколку сакаме како држава да постигнеме долгорочен ефект.

За да се постигне економски баланс не е доволно државата само да реагира и помага, туку и самиот бизнис сектор претпремачки да настапува на пазарот. Сите проблеми треба да се гледаат како шанси, компаниите да бидат поагилни и полесно да се адаптираат на промените, а државата да интервенира со финансиска поддршка и подобри услови за работа.

Младите треба да работат на подбрување на вештините и компетенциите кои се бараат на пазарот на трудот за да бидат компетентни во нашата држава, односно да не бараат работа и подобри услови за живеење во странство. И за таа цел државата треба да создаде услови за самовработување, особено во оние гранки во кои има големи потенцијали.

Задолжително да се зголеми учеството на жените во приватниот сектор на сите нивоа и жената, како човечки капитал да се стави во функција на економскиот развој. Да се надминат стереотипите за улогата на жената во општеството, да и се даде поддршка и да се охрабри при настап на пазарот и да се обезбеди солидна поддршка во пристапот до финансии.

 

На втората панел сесија се зборуваше на тема „Личен менаџмент – создавање додадена вредност“. Модераторот проф.д-р Даниела Карадаков од Бизнис академија Смилевски - БАС и учесниците Васка Мојсовска, сопственик и генерален менаџер на „Агро калем“ Тимјаник и претседател на Фармерска федерација на Македонија и м-р Едита Даутовиќ, сопственик на агенција за недвижности „Милениум“ од Подгорица и претседател на женско претприемништво од Црна Гора заклучија дека за развој на еден бизнис е потребна поддршка од државата и дека субвенциите и можностите што ги дава Владата не само кај нас, туку и во земјите од регионот создаваат поголем стимул особено кај претприемачите.

Пандемијата, и покрај бројните препреки, некои ја согледаа како можност за развој и раст на својот бизнис. За жал, констатирано е и згаснување на голем број фирми предводени од жени, но најважно за опстанок е адаптирање кон брзи промени, посветеност на себе си, на својот развој и на својата едукација. Истовремено согледана е предноста на технологијата која стана дел од секојдневниот деловен живот, што им помага на жените да ја искористат како придобивка за себе и за своите компании.

На оваа панел сесија беа согледани условите за работа на жените во руралните средини и беше заклучено дека тие треба да се социјализираат, да имаат можност за згрижување и едукација на своите деца, да имаат можност да учествуваат на кулуруни и други манифестации, но најважно од се, да добијат права на сопственост над земјиштето кое го обработуваат како дел од својот бизнис.

Личниот менаџмент се храни од нашите грешки, од научените лекции, од континуираното учење, од вмрежувањето со други луѓе. Секој треба да се открие сам и да се посвети самиот на себе.

 

Во рамки на третата панел сесија „Емоционален баланс – женско лидерство“ на која модератор беше проф.д-р Љупчо Кеверески од Универзитетот „Св,. Климент Охридски “од Битола, кој е и национален координатор на Меѓународното здружение за емоционална интелигенција со седиште во Охрид учествуваа и проф.д-р Гордана Николиќ, сопственик и декан на Високата бизнис школа ПАР од Риека, Хрватска и доц.д-р Љиљана Крњета, претседател на Здружението „Заедно во Европа“ од Бања Лука, БиХ, беше донесен заклучок дека Форумот е едно повисоко организациско ниво и како што истакна Кеверески, тој за него е самит на женското лидерство со кој се настојува да се подигне општествениот сензибилитет за развој на нови перспрективи на женското лидерство.

Проф. д-р. Николиќ посебен акцент стави на сопствениот професионален развој и предизвиците со кои се соочувала во нејзиното лидерско профилирање од идеја до бренд.

Доц.д-р Крњета, пак, претставувајќи ги златните правила за баланс меѓу професијата и домот резимираше дека емоциите се нова визија во женското лидерство, емпатијата е супстракт на женското лидерство, а интуицијата е уникатен женски производ. Оттаму, можен е ефикасен баланс помеѓу домот и професијата доколку тој не значи дека е тоа нешто необично и неостварливо.

 

Четвртата панел сесија означена како „Ментално здравје и убавина“ беше модерирана од Елена Антоновска, генерален менаџер на „Арс Луцида“, а во неа учествуваа Олгица Ѓоргиева, моден дизајнер и сопственик на модното студио ОГ, Шемса Емшериев, генерален менаџер на „Еуростеп“ и автор на проектот за жени „Минерва“ и Огнен Јанески, новинар и водител во ТВ 24.

На сесијата беше констатирано дека пандемијата направи влијание на целата популација, но и индивидуално на секој човек, поттикна многу прашања меѓу кои и прашањето за менталното здравје, за неговата важност и потреба за грижа и негување, што за возврат би поттикнало и други социјални движења како солидарност, поддршка, заедништво, помош.

Беше истакната положбата на жената во општеството како ранлива, но и силата и капацитетите на жената да се издигне, вклучително и да се одржува и да напредува во бизнисот, како и потребата за поддршка и понатамошен развој на потенцијали и ресурси од другите жени, од бизнисот и државата воопшто.  

Учесниците на панелот ги потенцираа прашањата за родова нееднаквост и дискриминација по различни основи и покажаа дека внатрешната состојба неминовно е поврзана и е основа за севкупната убавина на жената. Закучија дека секој од нас содржи одредена посебност, различност и убавина која може да се истакне на различни начини внатрешно и надворешно и да се обликува со постојана грижа за менталното здравје и личен развој на секое поле.

 

Агенција „Марили“ со организирање на Марили Бизнис Форумот го потврдува континуитетот на темите на кои работи долги години, но и способноста да се фоуксира на конкретниот општествен миг и да побара одговори преку своите соработници и надлежните институции, а се со цел да бидат надминати економските и општествените предизвици и да се постават нови идеи, концепти и постулати за развој, пред се, на бизнисите водени од жени.

 

 

 

 


Статијата е прочитана 646 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско