Белгискиот тинејџерски роман „Љубовта е таа што не ја разбираме“ објавен на македонски јазик

Во издание на „Бата прес“ излезе од печат романот за тинејџери и млади „Љубовта е таа што не ја разбираме“ од познатиот белгиски писател Барт Мујарт. Делото од фламански го преведе Ели Пујовска. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Ова е втората од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ќе ги објави оваа и наредната година во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“.

Романот „Љубовта е таа што не ја разбираме“ го креираат три стории раскажани од перспективата на неименувана тинејџерка. Низ различни епизоди од нејзиниот живот, како случајно избрани вињети, авторот ги опишува колебањата во една дисфункционална фамилија и децата што се оставени да ги собираат нејзините семејни парчиња.

Авторот Барт Мујарт е роден 1964 година во Бриж. Се школувал во уметничкото училиште Кунстхуманиорa во Гент, а потоа студирал холандски, германски и историја во Брисел. Почнал да пишува уште како дете, а првата книга Duet met valse noten, ја објавил во 1983 година. Оттогаш напишал 40 романи, драми и збирки поезија за различни возрасти, а денес важи за еден од најпознатите белгиски современи писатели. Неговите најпознати дела се Blote handen (Голи раце), Het is de liefde die we niet begrijpen (Љубовта е таа што не ја разбираме), Broere (Браќа), De Schepping (Создавање) и антологијата поезија Verzamel de liefde (Собирање љубов).

 


Статијата е прочитана 468 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско