Во функција Национален регистар на вистински сопственици

Постоечките правни субјекти имаат рок од 90 дена да ги внесат потребните податоци во регистарот, а потоа секоја промена на структурата на вистински сопственции се пријавува во рок од осум дена

 

Од денеска е во функција Национален регистар на вистински сопственици со што и Централниот регистар се вклучува во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам.

Постоечките правни субјекти имаат рок од 90 дена да ги внесат потребните податоци во регистарот, а потоа секоја промена на структурата на вистински сопственции се пријавува во рок од осум дена. Новооснованите субјекти, пак, ќе имат рок од осум дена да ги запишат вистинските сопственици. Во спротивно, како што најави денеска потпретседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски ќе се соочат со финансиски проблеми. Уписите извршени во законските  рокови се бесплатни.

Директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски ги повика сите правни субјекти да се пријават во регистарот. Таа рече дека податоците ќе бидат отворени за целата јавност и секој граѓанин ќе може да дојде до информација за вистински сопственик.

„Воспоставувањето на регистарот ќе биде дополнителен квалитет во однос на транспарентноста на домашниот пазар, но и алатка во борбата со перењето пари и финансирањето на тероризмот. Целта е евидентирање и обезбедување точни и ажурирани податоци за вистинските сопственици на правните субјекти. Обврска на секое овластено лице на правен субјект во државата е да го утврди и верификува својот вистински сопственик или сопственици согласно Законот за спречување перење пари и финансирање  тероризам и електронски да ги евидентира во регистарот на вистински сопственици“, рече Бошковска Јанковски.

Директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов појасни дека субјектите што нема да внесат вистински податоци во регистарот ќе се соочат со финансиски проблеми.

„Обврската на субјектите, значи банките, сметководителите, адвокатите, тоа се отприлика 24 дејности да спроведуваат мерки и дејности за спречување перење пари согласно Законот е да проверуваат дали правното лице кое е нивен клиент ги внело во Регистарот за вистински сопстевник и дали истите се вистинити. Ако таа обврска не е исполнета, во моментот го замзрнува деловниот однос со ваквиот субјект“, појасни Трендафилов.

Според Николовски, со регистарот во периодот што следува институциите во државата добиваат уште една квалитетна алка за борба против перењето пари и финансирањето тероризам.

„Незаконските финансиски текови поврзани со перење пари, со корупција, финансирање тероризам и даночно затајување се погубни за секое општество. Тие поттикнуваат и финансираат насилство и криминал, ги намалуваат приходите на државата, а исто така ги поткопуваат владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Вистинските сопственици на правните лица подразбира идентификување на физичките лица кои директно или индиректно остваруваат управувачка или контролна улога во едно правно лице, односно на било каков начин имаат крајно и ефективно влијание во работењето и управувањето со истото. Целта на Регистарот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на правните субјекти за транспарентно да објави кој е тој што реално профитира од работата на компаниите во нашата земја скриен зад комплексната слоевита правна структура“, рече Николовски.


Статијата е прочитана 696 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско