Од 1 февруари се укинуаат царините за кожа, ткаенини, механички уреди, трансформатори...

Целта на одлуката е да се олеснат условите за работа на компаниите кои доаѓаат, пред се, од метало-преработувачката индустрија, металургијата, од текстилната и кожарската индустрија

Владата ги укина царините за 71 тарифна ознака. Односно, од 1 февруари се укинуваат царинските давачки за кожа, ткаенини, неткаен текстил, фротир, ѓонови и топуци, алати за пресување, ковање, пумпи за потиснување, механички уреди, разни калапи, запченици, електромотори, електрични генератори, трансформатори и слично. Укинувањето на царинските стапки ќе важи до 31 декември 2021 година.

Целта на одлуката, како што велат од Владата е да се олеснат условите за работа на компаниите кои доаѓаат, пред се, од метало-преработувачката индустрија, металургијата, од текстилната и кожарската индустрија. Податоците за 2019 година покажуваат дека овие давачки компаниите ги чинеле над 160 милиони евра.

Инаку, ова е првата усвоена мерка од петтиот пакет економски мерки за подршка на приватниот сектор погоден од корона-кризата. Според Владата, наплатените царини за укинатите 71 тарифна ознака во 2019 година биле над 7 милиони евра, а сега овие пари ќе останат во компаниите за да се зголеми конкурентноста на преработувачката индустрија. Од Владата потенцираат дека предлог-листата е направена од Стопанската комора на Македонија.

„Предлог листите на производи опфатени со оваа одлука, која е првата усвоена одлука од новиот Пакет 5 економски мерки за справување со последиците од Ковид-19 се изготвени од страна на Стопанската комора на Македонија по извршена консултација со компаниите членки на Стопанската комора од секторите на метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија. Ова е прва мерка од новиот Петти пакет економски мерки кои ќе ја рестартираат, закрепнат и ревитализираат домашната економија. Укинувањето на увозните давачки – царинските стапки на одделни суровини и репроматеријали за преработувачката индустрија ќе влијаат на зголемувањето на производството како и на зголемување на конкурентноста и извозот на домашните производи“, велат од Владата.

Дејностите во кои како суровини и репроматеријали се употребуваат конкретните производи за кои се укинаа царинските стапки лани имаа сериозно намалување на производството. Така, производството на текстил беше намалено за 13,5 отсто, производството на облека за 14,3 отсто, производствто на машини и уреди, приколки и полуприколки за 13,4 проценти, а производство на електрична опрема, пак, опадна за 17,9 отсто.

Одлуката за укинување на царините ја поздрави бизнис заедницата. Од Стопанската комора велат дека од тоа придобивни ќе имаат не само засегнатите компании, туку и целокупната економија.

Експертите се согласуваат дека мерката може да помогне во подобрување на конкурентноста на фирмите. Според анализата на „Фајнанс тинк“ усогласувањето на македонските со царините во ЕУ за клучните компоненти, како и ослободувањето од царински давачки за увоз на машини, опрема и изградба на нови капацитети значително ќе ја зголеми продажбата и производството на извозните компании, а со пониските трошоци за производство македонските компании ќе добијат и поголема конкурентност на меѓународните пазари.


Статијата е прочитана 631 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско