Балетско студио „РЕБИС“ - Речиси 3,5 денцении традиција во креирање на врвни танчери и самоуверени млади луѓе со вистински вредности

Интервју со Леона Танасковска Јакимовска, сопственичка, генерална менаџерка и кореограф во „Ребис“, балетско студио кое речиси 3,5 децении создава врвни, самоуверени танчери и креира средина во која децата и младите сакаат да растаат и да се развиваат со вистински вредности, а притоа, за нивниот труд и посветеност добиваат признанија и награди во земјава и надвор од неа. 

Непосреден повод за интревју со г-ѓа Танаксовска Јакимовска е претставувањето на „Ребис“ со грандиозната кореодрама „Огледало на времето“ во Македонскиот народен театар (МНТ), на 10 јуни. 

„Идејата за „Огледало на времето“ произлегува од нашите претходни кореодрами и од желбата да продолжиме да зборуваме за теми што ги засегаат младите генерации. Како што се менува општеството, така се менуваат и предизвиците со кои се соочуваат децата и младите, па токму затоа инспирацијата ја црпиме од нашето секојдневие, од актуелните случувања кај нас и во светот, но и од искуствата и приказните што секојдневно ги споделуваме со децата во студиото“, вели Танасковска Јакимовска за „Марили“. 

МАРИЛИ: Почитувана Танасковска Јакимовска, повод за ова интервју е кореодрамата „Огледало на времето“ на Балетското студио „Ребис“ која се одржа на 10 јуни во Македонскиот народен театар (МНТ). Станува збор за современа претстава која опфаќа актуелни проблеми со кои се соочува младата генерација. Колку долго го подготвувавте овој обемен проект?

ТАНАСКОВСКА ЈАКИМОВСКА: Овој проект, како кореодрама, своите корени ги има уште од 2017 година, кога Балетското студио Ребис ја создаде и реализираше кореодрамата „Генерација X“ во Македонскиот народен театар. Токму таа претстава беше почеток на една поширока приказна, а „Огледало на времето“ претставува нејзино природно продолжение и заокружување.

Во меѓувреме, во 2024 година ја реализиравме и кореодрамата „Генерација Z“, по што почнавме да размислуваме за следниот, воедно и последен дел од оваа трилогија. Активната работа на „Огледало на времето“ започна во септември 2025 година, кога ги поставивме првите темели на приказната.

Сепак, процесот беше динамичен и креативен, a низ месеците постојано доработувавме, менувавме и надградувавме идеи, со цел да создадеме претстава што ќе биде актуелна, искрена и блиска до денешните генерации.

МАРИЛИ: Од каде потекнува идејата за овој грандиозен проект и која е пораката која ја испраќа до младите?

ТАНАСКОВСКА ЈАКИМОВСКА: Идејата за „Огледало на времето“ произлегува од нашите претходни кореодрами и од желбата да продолжиме да зборуваме за теми што ги засегаат младите генерации. Како што се менува општеството, така се менуваат и предизвиците со кои се соочуваат децата и младите, па токму затоа инспирацијата ја црпиме од нашето секојдневие, од актуелните случувања кај нас и во светот, но и од искуствата и приказните што секојдневно ги споделуваме со децата во студиото.

Како кореографи и ментори, наша задача не е само да ги научиме децата на танцова техника, љубов кон танцот и уметноста, туку и да им помогнеме да изградат самодоверба, дисциплина, чувство за заедништво и вистински вредности кои ќе ги носат низ животот.

Пораката на претставата е едноставна, но многу важна. Секоја промена е важна промена. Без разлика колку е мала, таа е првиот чекор кон подобра верзија од нас самите.

Токму во тие мали одлуки започнуваат најголемите животни пресврти. Преку танц, драмски елементи и нарација, „Огледало на времето“ е едно патување низ времето, спомените и изборите, поставувајќи едно суштинско прашање: ако добиеме уште една шанса, дали ќе имаме доволно храброст да го промениме она што нè спречува да бидеме подобри?

МАРИЛИ: Како главен кореограф на кореодрамата, кажете нѝ, колку изборот на музиката Ви помогна во креирањето на секоја танцова точка?