Интервју со Ада Богоевска – Млада и талентирана виолончелистка во подем, успешна кај нас и на меѓународната сцена

Интервју со Ада Богоевска, млада талентирана виолончелистка, ученичка во Средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје. Иако има само 16 години веќе настапува на големите интернационални музички сцени и е дел од младите таленти кои ја промовираат Македонија ширум светот. 

Богоевска „другарува“ со виолончелото веќе девет години, потекнува од музичко семејство, вредна е и талентирана, постојано реди успеси и добива признанија и нагарди за нејзините настапи на македонската класична музичка сцена, а се почесто и на престижните интернационални настани. Неодамна настапи со оркестарот на Македонската филхармонија, а имаше и солистички настап во реномираната сала Bechstein Hall во Лондон. Наспатувала и во Њујорк во салата DiMenna Centre for Classical Music, реномирана адреса на културните случувања во Њујорк, каде настапила како добитник на Гранд При на интернационален натпревар за музика базиран во Атланта.

Во април годинава, пијанистката Ана Манчева и виолончелистката Ада Богоевска се претставија и на 30-то јубилејно издание на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“, компанија која во континуитет ги поддржува младите таленти од Македонија и ги промовора преку своите проекти. 

МАРИЛИ: Иако сте многу млада, неодмна настапивте со оркестарот на Македонската филхармонија, што е и потврда за вашиот исклучителен талент и квалитет. Што претставува за Вас овој успех и колку долго се подготвувате за настапот?

АДА БОГОЕВСКА: За мене претставува огромна чест и задволство што бев избрана да настапам како солист на Македонската филхармонија. Можам да кажам дека тоа е сон на секој млад музичар. Го исполнив првиот став од Концертот за виолончело во е-мол од композиторот Едвард Елгар, под диригентската палка на извонредната Маестра Бисера Чадловска.

Ова за мене претставуваше исклучително значаен и инспиративен момент. За да настапам како солист на овој концерт кој се одржа во месец јуни поминав две аудиции, една интерна во училиштето Илија Николовски –Луј и една аудиција во Филхармонија каде имаше кандидати од музичките училишта во нашата земја.

Поминувањето на аудициите ми даде самодоверба и ми покажа дека посветената работа секогаш носи резултати. За мене ова не е само личен успех, туку и голема чест и одговорност. Благодарна сум на моите професори Александра Јаневска и Кирил Јосифов кои вложија многу труд и ме охрабруваа да го давам најдоброто од себе.

Се надевам дека успеав да ја допрам публиката со мојата изведба и дека ова е само почеток на многу нови уметнички предизвици.

МАРИЛИ: Годинава настапувавте и во Bechstein Hall, концертната цала во ексклузивниот културен центар во Лондон. Какви впечатоци донесовте оттаму и што значи овој настан за развојот на Вашето творештво?

АДА БОГОЕВСКА: Солистичкиот настап во реномираната сала Bechstein Hall во Лондон ми донесе огромно професионално и лично искуство. Овој настап за мене значеше мое лично претставување како млад уметник, но воедно значеше и афирмација и претставување на нашата музичка традиција и култура пред меѓународната публика.

Ова беше мој втор престој во Лондон. Прв пат го посетив градот кога мојата сестра, виолинистката Ева Богоевска имаше солистички концерт во Лондон.

Тогаш бев во публика и со восхит ја следев нејзината изведба, посакувајќи еден ден и јас да настапам на концерт во Лондон.

Со право можам да кажам дека овој концерт за мене беше исполнување на еден голем сон и незаборавно искуство.

Настапот во оваа позната сала ми донесе нова мотивација за да работам уште повеќе и да се усовршувам. Ваквите меѓународни настапи отвораат нови можности за запознавање со различни музички средини, размена на искуства и претставување на Македонија во светот.

МАРИЛИ: Издвојте ги најзначајните настапи, признанија и награди коишто сте ги добиле во земјава и надвор од неа?

АДА БОГОЕВСКА: Во текот на моето музичко образование имав чест да настапувам во реномирани концертни сали и на фестивали во земјата и во странство, како и да добијам многу признанија и награди кои претставуваат потврда за мојата посветеност и работа.

Од концертните настапи покрај настапот со Македонската филхармонија би го издвоила и мојот солистички настап во Њујорк во салата DiMenna Centre for Classical Music. Оваа сала е реномирана адреса на културните случувања во Њујорк, а таму настапив како добитник на Гранд При на интернационален натпревар за музика базиран во Атланта.

Особено место има и веќе споменатиот настап во Bechstein Hall во Лондон. Редовно настапувам и на завршните концерти што ги организира ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Оваа година настапив и на два концерта како семинарист на Интернационалниот проект, семинар за млади музичари кој е во организација на Fame`s institute.

Награди и признанија имам добиено многу. Од признанија би ги издвоила повеќето први награди на државните натпревари, прва награда и Гранд При на Меѓународниот натпревар за музика во САД како и први награди на натпревари во Словенија, Србија, Франција...

Овие успеси се за мене дополнителен поттик за да продолжам да се усовршувам и да се развивам како уметник на домашната и меѓународната музичка сцена.

МАРИЛИ: Кога се роди вашата љубов кон вилончелото и колку време го учите и свирите овој инструмент?

АДА БОГОЕВСКА: Љубовта кон виолончелото се роди уште во моето детство. Свирам виолончело од мојата осма година, што значи веќе  девет години активно се занимавам со овој инструмент. Потекнувам од музичко семејство, па музиката отсекогаш беше дел од моето секојдневие. Мајка ми е професор по пијано и токму таа ми ги пренесе првите музички знаења и љубовта кон класичната музика.

Најпрво започнав да учам пијано, а подоцна одлучив да му се посветам на виолончелото, инструмент преку кој најмногу можам да се изразам. Големо влијание врз мојот музички развој има и мојата сестра, виолинистката Ева Богоевска.

Имавме можност да настапуваме заедно како семејно трио – виолина, виолончело и пијано, што за мене претставуваше непроценливо музичко и животно искуство.

Моето семејство, особено мајка ми, отсекогаш ми било огромна поддршка, инспирација и поттик да се развивам и како музичар, но и како личност.

МАРИЛИ: Кои се спецификите на инструментот виолончело и колку време неделно издвојувате за вежбање на истиот?

АДА БОГОЕВСКА: Виолончелото, како и другите инструменти, бара континуирана, секојдневна и посветена работа. Вежбам секојдневно по неколку часа бидејќи многу лесно се излегува од форма.

Покрај подготовката на репертоарот, редовно работам на техниката скали, етиди, звук, интонација.Тоа е долг процес кој бара многу дисциплина, трпение и истрајност.

Еден од предизвиците е и транспортот на инструментот, особено кога патувам со авион.

Поради неговата големина и чувствителност, виолончелото не смее да се пренесува како обичен багаж, па патувањата бараат дополнителна организација и внимание.

МАРИЛИ: Годинава настапивте на јубилејната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ на агенција „Марили“, заедно со пијанистката Ана Манчева. Колку ваквите настани се важни за афирмацијата на вашата работа?

АДА БОГОЕВСКА: Веќе една година заедно со пијанистката Ана Манчева работиме како камерно дуо под менторство на проф. Даница Стојанова и релаизиравме многу настапи.

Конкретно настапот на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ има посебно значење за нас, бидејќи овозможи она што го работиме, нашата уметност, да допре до пошироката публика и да се поврзе со луѓе од различни професионални области.

Овој настан е важен бидејќи создава нови контакти, отвора можност да се афирмира класичната музика, како и можност за идни соработки.

Особено е убаво кога музиката станува дел од свечени моменти и создава посебна атмосфера.

МАРИЛИ: Кои позначајни настани и настапи се планирани за тековната година?

АДА БОГОЕВСКА: Во наредниот период имам повеќе покани и можности за настапи на фестивали, натпревари и семинари.

Сепак, имајќи ги предвид обврските поврзани со училиштето и мојот понатамошен уметнички развој, сѐ уште немам донесено одлука за тоа на кои настани ќе учествувам.

Верувам дека секоја избрана можност ќе биде ново искуство и можност за уметничко надградување.

Без оглед на одлуката, се надевам дека достојно ќе се претставам себеси и Македонија, како на домашната, така и на меѓународната сцена.


Статијата е прочитана 516 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

Охридско лето 2026

kb

oxxete