Интервју со Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојузот на стопански комори: „ССКМ е глас на бизнис-заедницата и креатор на подобра деловна клима“

Интервју со Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССКМ) во кое зборува за тоа во кои клучни сегменти се потребни итни реформи за креирање на стабилен амбиент за инвестиции, економски развој и отворање на нови работни места, што треба да се преземе за зголемување на производството и преработката на храна, како и за идните планови на Сојузот на стопански комори. 

Ѓорѓиевски говори и за важноста на континуитетот во менаџирањето, како и за положбата на женското менаџерство и лидерство во земјава.

„Позицијата на женското претприемаштво и генерално кариерното унапредување на жените се подобрува, но сè уште е далеку од посакуваното ниво. Жените претприемачи, главно, се фокусирани на микро и мали претпријатија и често се соочуваат со предизвици, како покомплициран пристап до финансии, тешкотии во усогласувањето на приватниот и професионалниот живот и недостиг на деловни мрежи. Има зголемена видливост и поддршка преку разни програми и формирање  бизнис-мрежи. Жените сè похрабро влегуваат во бизнис во области што традиционално биле доминација на мажите.“, вели Ѓорѓиевски во интревју за „Марили“. 

МАРИЛИ: Сојузот на стопански комори постои повеќе од две децении. Како прв човек на ССКМ, кажете ни во кои клучни економски сегменти се потребни итни реформи за да се создаде стабилен амбиент за инвестиции, за развој и отворање нови работни места?

ЃОРЃИЕВСКИ: Повеќе од две децении Сојузот на стопански комори беше глас на бизнис-заедницата, поточно на микро, малите и средните претпријатија. Од моето стапување на лидерската позиција во Сојузот на стопански комори се фокусираме да бидеме партнер на Владата и да влијаеме врз креирањето поволна бизнис-клима и реален позитивен импакт на економијата, заедницата и целото општество. Основни столбови на визијата и стратегијата на ССКМ во следните четири години од мандатот се: подобрување на деловната клима и предвидливоста, односно водење континуиран дијалог со Владата и институциите за креирање политики, со цел да се обезбеди правна сигурност и конзистентност во регулативите; унапредување на човечкиот капитал и пазар на труд - алармантен е одливот на мозоци и недостигот на квалификувана работна сила. Според ССКМ, мора да им се посветиме на образованието и обуките и на итното усогласување на вештините со потребите на пазарот на трудот, вклучително и дигиталната трансформација. Исто така, се залагаме и за трансфер на дел од јавната администрација во реалниот сектор; трет столб се иновациите и дигитализацијата: итно е потребно поттикнување на иновациите и забрзување на дигиталната трансформација во сите сектори, особено кај микро, малите и средните претпријатија, за зголемување на продуктивноста и конкурентноста.

Токму затоа ССКМ организира посебна комора на старт-ап компании, со што ќе се поттикне иновацискиот mindset кај компаниите, а на старт-апите веднаш ќе им се овозможи понуда на нивните производи и услуги во рамките на членството на ССКМ; и последниот, односно четвртиот столб е: енергетиката, односно раст и инвестиции во обновливите извори на енергија за да се обезбедат енергетска стабилност и конкурентни цени за бизнисот.

Ова е основната и широката визија за нашето дејствување во следниот период, а од неa ќе произлезат многу активности што повеќе се фокусирани и насочени кон имплементацијата во секој сегмент од бизнис-дејствувањето, со цел да се креираат придобивки за членките на комората на директен позитивен импакт на целокупната македонска економија.

МАРИЛИ: Како долгогодишен претседател на Агро-Бизнис комората во рамките на ССКМ, според Вашето мислење, што сметате дека треба да се преземе во овој сектор за да се зголемат производството и преработката на храна и дали тоа треба да биде една од стратегиските цели на државата?

ЃОРЃИЕВСКИ: Апсолутно сметам дека земјоделството и преработката на храна мора да бидат една од стратегиските цели на државата. Тоа е најважна стопанска гранка со огромен потенцијал за раст. Нашата земја има одлични услови, географски и климатски, за да произведе храна што не само што ќе ги задоволи нашите потреби туку и да извезуваме и да отвориме дополнителни канали на приходи.

Но за да ги искористиме потенцијалите што ни се дадени, мора сами да се ангажираме многу повеќе и да бидеме активни креатори во синџирот на вредноста на храната. Според мене, за да се зголемат производството и преработката на земјоделските производи, треба да обезбедиме: сигурност на пласманот и цените, односно доследно да се применува Законот за нефер трговски практики за да се стават производителите во подобра преговарачка позиција. Во земјоделството мора да се направи окрупнување на земјишните парцели за да може да се обезбеди голема количина производи што ги бараат партнерите од малопродажба и тука и во странство, на земјоделците да им се обезбеди поддршка за набавка на современа земјоделска механизација и техничка опрема, како и стручни совети за зголемување на приносите и задоволување на високите стандарди за здрава храна што сѐ повеќе се наметнуваат од крајните корисници.

Мора да ја споменам и достапната помош од Европската Унија или, поконкретно, поедноставување на ИПАРД, т. е. неопходно е поедноставување на постапките за аплицирање за ИПАРД-фондовите за да се постигне максимална искористеност, па затоа и ССКМ планира да им нуди помош на членките преку проектната групација, т. е. да им обезбеди консултанти што ќе ги водат низ процесот на аплицирање, но и имплементација на проектите.

Друга мерка што може значајно позитивно да влијае врз земјоделството и генерално производството на храна се воведување фискални олеснувања, т. е. воведување даночни олеснувања или субвенции за енергенти, семенски материјал и механизација. ССКМ е фокусиран и на воспоставувањето регионална соработка, односно промоција и зајакнување на регионалниот пристап при создавањето географски автохтони производи, можеби креирање и заеднички марки и стратегии за заеднички настап на европскиот пазар.

МАРИЛИ: Според Вашите сознанија, колку компаниите од реалниот сектор се грижат за животната средина и се поттикнувачи на циркуларната економија? Дали има напредок по ова прашање и колку се почитуваат регулативите на ЕУ?

ЃОРЃИЕВСКИ: Компаниите од реалниот сектор сѐ повеќе ја препознаваат важноста на зелената и дигиталната трансформација. Постои напредок, поттикнат од потребата за усогласување со регулативите и стандардите на ЕУ, како и од растечката свест за општествена одговорност. Компаниите, особено оние што се извозно ориентираните, инвестираат во енергетска ефикасност, користење обновливи извори на енергија и воведување стандарди за одржливо работење. Постои зголемен интерес за зелени иновации и намалување на карбонскиот отпечаток. ССКМ им дава поддршка на компаниите преку обуки, партиципација во иницијативите за унапредување на животната средина (соработка во национални координативни тела, соработка со ОН, ЕУ, ресорни министерства, како и имплементација на европски проекти), со цел  промоција, но и конкретна имплементација на стандардите. Сепак, сѐ не оди толку брзо и лесно, кај дел од компаниите, особено малите, потребно е дополнително информирање и финансиска поддршка за транзиција кон циркуларната економија. Почитувањето на регулативите на ЕУ е процес за кој е потребна континуирана работа, особено во делот на управување со отпадот и индустриските емисии. Како што споменав, ССКМ имплементира неколку европски проекти (како „Паметен раст: Дигитализација и зелена трансформација“, СЕБКоВЕ, Greenovet) и активно ги поддржува компаниите во овој процес.

МАРИЛИ: Вие сте долгогодишен стопанственик и претприемач. Дали сметате дека континуитетот и конзистентноста во менаџирањето и справувањето со предизвиците се дел од клучните фактори за раст и развој во приватниот сектор? 

ЃОРЃИЕВСКИ: Од сопственото искуство, но и од искуството на моите соработници, пред сѐ, од членките на ССКМ убеден сум дека континуитетот и конзистентноста во менаџирањето и справувањето со предизвиците се клучни фактори за раст и развој во приватниот сектор.

Ставот кон бизнисот, но и животот генерално е дека мора и во проблемите да не се гледа дефетистички, туку напротив во проблемите да се гледа како можност.

Токму затоа посветеноста и континуитетот овозможуваат компаниите да градат долгорочна визија, стратегиски планови и да ги издржат цикличните економски шокови. Токму затоа стратегијата треба да биде долгорочна, но и да се стимулира флексибилност само во менаџирањето на ненадејните промени.

Поради тоа, мора да се гради тим што ќе опстанува затоа што честите промени на менаџментот создаваат несигурност и го забавуваат развојот. Стабилноста на менаџментот и генерално компанијата овозможува континуирано инвестирање во обуката и развојот на вработените, што е основа за силен раст на продуктивноста и квалитетот.

Во ССКМ се залагаме токму за ова: трајна вредност и долгорочна визија. Конзистентноста во деловните одлуки и односот со партнерите, вработените и клиентите гради доверба и репутација, што е непроценливо богатство.

МАРИЛИ: Според сознанијата на ССКМ, каква е положбата на женското претприемаштво и менаџерство во земјава? Дали има позитивни придвижувања и што конкретно презема ССКМ по ова прашање?

ЃОРЃИЕВСКИ: Позицијата на женското претприемаштво и генерално кариерното унапредување на жените се подобрува, но сè уште е далеку од посакуваното ниво. Жените претприемачи, главно, се фокусирани на микро и мали претпријатија и често се соочуваат со предизвици, како покомплициран пристап до финансии, тешкотии во усогласувањето на приватниот и професионалниот живот и недостиг на деловни мрежи. Има зголемена видливост и поддршка преку разни програми и формирање  бизнис-мрежи. Жените сè похрабро влегуваат во бизнис во области што традиционално биле доминација на мажите. ССКМ активно учествува во креирањето на повеќе можности за жените во кариерното унапредување: не само што имплементираме проекти за поттикнување на женското претприемаштво, туку ние работиме директно за помош на жените во совладувањето на препреките при кариерното напредување преку градење конкретни вештини и за работа, но т. н. меки вештини за да им помогнеме во балансирањето на приватниот и професионалниот живот, како и амбициите со вештините потребни за нивно остварување. Тоа што ССКМ може и им го дава како поддршка на членките е обезбедување и олеснување на пристапот до пазарите, т. е. работиме на овозможување услови за полесен пристап на женските претпријатија до поголеми пазари и глобални бизнис-заедници.

МАРИЛИ: Кои се приоритетите и клучните планови за 2026 година на ССКМ?

ЃОРЃИЕВСКИ: Нашите клучни планови и приоритети за 2026 година, кои се надоврзуваат на нашата долгорочна програма, се:

- Позиционирање на ССКМ како клучна група на интерес (stakeholder) во креирањето политики, т. е. континуиран дијалог со надлежните институции за системски реформи, посебно обезбедување пазарно формирање на цените и одржлив баланс во однос на платите.

- Давање континуирана и систематска поддршка на микро, малите и средните претпријатија (МСП) како двигатели на економијата преку различните нови инструменти што ги градиме и планираме да ги применува ССКМ и за кои дополнително ќе ве известиме откако ќе бидат лансирани.

- Спроведување интензивни активности за поттикнување на дигиталната трансформација и иновацискиот екосистем. Спроведуваме работилници со претставници на индустриите што се влезени како клучни во смарт-специјализацијата, со цел да дефинираме идеи за развој на иновативни решенија, со цел да се креираат нови канали на приходи, но и начини за заштеда и креирање повисок профит што ќе биде реинвестиран во развој.

- Инвестирање во човечкиот потенцијал, т. е. посветеност на кадровската политика во компаниите преку обуки и проекти за усогласување на вештините со потребите на пазарот, со фокус на привлекување квалификувана работна сила. Креирање партнерства, со цел подигнување на нивото на дуалното образование.

- Активно вклучување во проекти и политики за зелена трансформација и намалување на карбонскиот отпечаток на компаниите, усогласување со стандардите на ЕУ и ОН, како и стимулација на стратегијата zero waste, циркуларната економија и обезбедувањето раст на компаниите, но со почитување и имплементација на стандардите SDG во работењето.

- Стимулација и зацврстување на регионалната лидерска позиција, креирање конзорциуми и отворање нови пазари за македонските компании преку засилена соработка во регионот и со ЕУ-партнерите.

Она што сакам да го потенцирам е дека јас како прв меѓу еднаквите во ССКМ целосно сум ориентиран кон резултати и среќен сум што имам, но и ги ширам тимот и членството со луѓе со визија, кои не се штедат во работењето и креирањето подобра бизнис-клима, но и подобро општество. И сигурен сум дека ќе успееме да го оствариме тоа.


Статијата е прочитана 235 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско