Интервју со академскиот вајар, проф. д-р Никола Смилков: „Континуитетот во уметноста не подразбира само постојана присутност, туку и поставување на суштинските прашања одново и одново“
Интервју со проф. д-р Никола Смилков, академски вајар и редовен професор по методика на ликовното образование и вајарство на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Непосреден повод за интервјуто е најновата самостојна изложба на проф. д-р Смилков во престижната галерија Виктор (Victor Gallery) во срцето на Њујорк, која ќе се одржи на 21 ноември, а е по директна покана на директорот на галеријата, Виктор Машихи, кој искажал голем интерес за уметнички опус за врвниот македонски академски скулптор.
„Неколку од моите скулптури веќе се дел од постојната поставка на галеријата, што претставува значајно признание за мојот вајарски израз. Изложбата ќе биде отворена кон крајот на ноември и на неа ќе бидат претставени 12 скулптури изработени во мермер и бронза, во галериски формат, еден сублимат од двата циклуси „Емоции“ и „Емотивни патувања“, вели проф. д-р Смилков за „Марили“.
Проф. д-р Смилков е автор на статуeтката „Жена водилка“ која им се доделува на лауреaтките на регионалната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“. Годинава, специјално за 30-годишниот јубилеј, Смилков изработува тродимензионална статуетка „Жена водилка“, поставена на црн постамент од гранит, како симбол на цврстината и сигурноста на жената.
Академскиот скулптор Смилков, на крајот на на месец октомври ја доби престижната награда „Вангел Коџоман“.
МАРИЛИ: Проф. д-р Смилков, 2025 година е исклучително плодна за Вас и вашето творештво. Ги претставивте вашите вајарски дела на повеќе изложби во регионот. Каде сѐ изложувавте и какви импресии носите од овие настани?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Навистина, 2025 година се покажа како особено интензивна и продуктивна во мојата уметничка кариера. Успеав да ги реализирам сите планирани проекти, да се претставам со три самостојни изложби, од кои две во Р. Хрватска и една во Р. Србија.
Во Хрватска се претставив со изложбата со наслов „Емотивни патувања“ која беше финансирана од Министерството за култура и туризам на С. Македонија и Културно-Информативниот Центар на островот Шолта.
Дваестет скулптури изработени во мермер и бронза беа поставени во преубавиот галериски простор Братска куќа, на островот Шолта.
Во истиот период, во просториите на Француската алијанса во Сплит се претставив со самостојната ликовна изложба „Емоции“, концепт кој го работев во претходните години, изложба составена од 15 скулптури, исто така изработени во мермер и бронза.
Ова ми беше второ претставување во овој реномиран културен простор и продолжување на соработката со Француската алијанса во Сплит.
Во Србија, по покана на Културниот центар на Нови Сад, ја претставив изложбата „Емотивни патувања“, со што ја проширив регионално присутноста на мојот уметнички израз.
Впечатоците од овие настани се исклучително позитивни за мене. Интеракцијата со публиката, културната размена и можноста да ги споделам моите уметнички визии во различни средини. Секој од овие простори носеше своја специфична енергија и аудиториум, што дополнително го збогати моето творечко искуство и ми даде нови перспективи за идните проекти.
МАРИЛИ: Есенва ви претстои изложба во Њујорк. Каде и кога ќе се случува оваа изложба, во чија организација е и со што ќе се претставите пред тамошната публика?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Подготовките за претстојната самостојна изложба во престижната галерија Виктор (Victor Gallery) во срцето на Њујорк се во полн ек. Ова мое претставување е по директна покана на директорот на галеријата, Виктор Машихи, кој искажа големо интересирање за мојот уметнички опус.
Всушност, неколку од моите скулптури веќе се дел од постојната поставка на галеријата, што претставува значајно признание за мојот вајарски израз. Изложбата ќе биде отворена кон крајот на ноември и на неа ќе бидат претставени 12 скулптури изработени во мермер и бронза, во галериски формат, еден сублимат од двата циклуси „Емоции“ и „Емотивни патувања“.
Со обединување на овие концепти се надевам дека ќе дадам една посеопфатна рефлексија на моето постојано скулпторско истражување на човечките емоционални состојби и нивно преточување во материјалност преку мермерот и бронзата.
Со особено задоволство сакам да истакнам дека изложбата е помогната од буџетот на Универзитетот „Гоце Делчев" – Штип, наменет за индивидуална поддршка за научна/уметничка активност, со што универзитетот, ја препознава ја важноста на меѓународната афирмација на уметничкото и научното творештво на своите наставници и соработници.
Галеријата Виктор е позната по својата сериозна колекција на антиквитети и парчиња декоративна уметност кои датираат од осумнаесеттиот до средината на дваесеттиот век.
Во исто време, во галеријата се поставени и ликовни дела од современи ликовни автори, што го прави овој простор исклучително релевантен за презентација на скулптурални дела со класична естетска основа и современ израз.
Ова е мое второ претставување во Њујорк после изложбата во МС Gallery пред две години, и се надевам дека и овој пат моите дела ќе го привлечат вниманието на њујоршката публика, позната по својата софистицираност и отвореност кон современите уметнички изрази.
Оваа изложба претставува значајна можност за понатамошна афирмација на мојот ликовен израз на американската ликовна сцена и отворање простор за нови соработки и претставувања во овој дел на светот.
МАРИЛИ: Колку е важен континуитетот во творештвото, но и во изложувањето на делата во регионот и во светот, за градење на позитивен имиџ на уметникот кој треба да биде препознаен како оригинален и уникатен?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Континуитетот во уметничкото творештво и презентација претставува фундаментален принцип за градење на автентичен уметнички идентитет, и тоа би сакал да го истакнам како суштинска порака до младите автори. Во современиот начин на живеење, уметникот мора постојано да биде видлив и да се претставува, како преку учество на групни изложби, така и преку самостојни изложби.
Видливоста на уметникот не е само стратегија туку и егзистенцијална потреба на уметничкиот израз да стапи во дијалог со светот. Во тој контекст, не смееме да ги занемариме социјалните мрежи, кои се покажаа како значаен медиум за видливоста на уметниците и нивните дела во рамки на глобалната уметничка сцена. Нивниот визуелен карактер овозможува поблизок пристап до публиката и континуиран дијалог.
Денешната публика е исклучително критична и софистицирана во прифаќањето на ликовниот израз на уметниците. Во ерата на визуелна преплавеност и брзи комуникации, паузата во творечкиот опус често значи губење на видливост, бидејќи вашето место веднаш го зафаќа друг автор.
Оваа реалност бара од уметникот континуирана работа и огромна посветеност кон ликовниот израз и креативното размислување. Сепак, овде не станува збор само за квантитет на производство, туку длабочина во уметничкото истражување.
Континуитетот не подразбира само постојана присутност, туку и постојано поставување на суштинските прашања на уметноста одново и одново.
Токму оваа посветеност на уметничкиот израз ја гради автентичноста и препознатливоста на уметникот, а со тоа и неговата оригиналност во глобални рамки.
МАРИЛИ: Вие сте идеен творец и креатор статуетката „Жена водилка“ која агенција „Марили“ ја доделува на најуспешните жени менаџери. Каква трансформација ќе доживее оваа статуетка за претстојниот јубилеј, 30 години од манфестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ која годинава наградува за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Идејата за статуетката наменета за најуспешните жени менаџери на годината произлезе од еден прекрасен разговор со г-ѓа Лидија Трипуноска, кога решивме тоа да биде симбол кој ќе ја претставува успешната жена, ќе биде олицетворение и поттик на успешност и пожртвуваност која секоја жена ја манифестира низ целокупниот нејзин животен пат. Оттука се роди насловот Жена водилка.
По неколку концептуални решенија, во конечниот израз се одлучив да претставам храбра жена во стоечка, стабилна поза со крената рака, како симбол за мотивација, поттик, незапирлива енергија и поттик на водство. Во подигнатата рака таа држи факел. Факелот во нејзината рака е повеќе од симбол на извор на светлина – тој е метафора на внатрешната сила, знаењето што се пренесува, топлината на грижата и пламенот на неугасливата волја. Светлината што ја шири не е насочена само кон неа, туку кон сите оние кои ја следат, создавајќи простор на заедничко движење кон подобро утре.
Главата е гордо подигната, што дава една сигурност и верба. Оваа вертикална поза не е само физичка стабилност, туку и симболична вертикала која ја поврзува, материјалното со духовното, секојдневието со високите аспирации. Жената водилка стои како мост помеѓу генерациите, како носителка на традицијата и иновацијата истовремено.
Во почетокот, Жена водилка ја реализиравме во дводимензионална претстава, на парче мермер со линеарна интерпретација на фигурата, за подоцна да ја дооформиме во форма на плакета, изработена во инокс. Оваа прелиминарна фаза претставуваше своевидно истражување на односот помеѓу материјалот и формата, испитување на суштинските карактеристики на фигурата пред нејзината конечна материјализација.
Преминот од дводимензионалното кон тродимензионалното, од „скицата“ кон скулптурата, претставуваше процес на постепено откривање на најавтентичниот начин на кој фигурата ќе ја зрачи својата енергија на моќност и ќе го пренесе своето симболично значење
Тридимензионалната претстава на статуетката е мојата примарна визија за оваа награда и нејзината реализација е во финална фаза. Статуетката ќе биде поставена на црн постамент од гранит, како симбол на цврстината и сигурноста на Жена водилка.
МАРИЛИ: Кои се плановите за 2026 година? Дали веќе имате најавени гостувања и изложби во земјава и надвор?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Со посебно задоволство сакам да кажам дека во 2026 година имам испланирани бројни и значајни уметнички претставувања. Имам потврдени две самостојни изложби во странство – едната ќе се одржи во Будимпешта, Унгарија, каде прв пат се претставувам, а втората изложба во сосем различен амбиент, повторно на прекрасниот остров Шолта, во историскиот хотел Мартинис Марчи (Martinis Marchi), објект кој е споменик на културата и архитектурата.
Траат преговорите за самостојно претставување во музејот во Птуј, Словенија во 2027 година.
Во исто време, нема да ги изоставам и домашните претставувања на престижните ликовни изложби во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Овие настани се од посебно значење за мене, затоа што овозможуваат подлабоко поврзување со македонската публика.
Се надевам дека и во 2026 година ќе ме следи креативната енергија и внатрешната мотивација кои ми се потребни за истражување во ликовниот израз, и дека ќе успеам да ги реализирам моите планови во годината што следи.
Статијата е прочитана 529 пати.































