„Кожувчанка“ – 30 години препознатлив вкус достапен на три континенти

Интервју со Јанинка Чупаркоска, генерална менаџерка на „Кожувчанка“ ДОО Кавадарци. Компанија којашто годинава прославува 30-годишен јубилеј успешна работа, врвен квалитет, семејна приказна која прерасна во бренд препознатлив на три континенти. 

Минералната вода „Кожувчанка“, e секогаш водечки бренд на нашиот пазар кога станува збор за квалитетот во однос на цената - признание што го добива со години наназад, но и се огласува како иновативен лидер - прва газирана вода во лименка и вкусови богати со витамини, вели генералната менаџерка Чупаркоска во интервјуто, и нагласува дека успехот би бил недостижен без целиот тим кој низ годините работел во „Кожувчанка“ и кој секогаш се стремел да постигне квалитет со максимален труд и работа. 

Чупаркоска вели дека и во иднина, „Кожувчанка“ планира да го одржува високиот стандард на сите производи, со фокус на иновации, проширувањето на понудата, со стремеж да пласираат производи на нови, атрактивни пазари.

Генералната менаџерка на „Кожувчанка“  Јанинка Чупаркоска, овој месец беше избрана за една од најуспешните жени менаџери и е добитничка на статуетка „Жена водилка“ на 29-та свечена манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“. 

МАРИЛИ: Годинава одбележувате 30-годишен јубилеј. Накратко, како започна оваа семејна приказна и со колкави производствени капацитети и вработени располага „Кожувчанка“ ДОО Кавадарци денес?

ЧУПАРКОСКА: Нашата „Кожувчанка“ ДОО започна како мала семејна компанија со првична цел истражување и експлоатација на минерална суровина и вода од подножјето на планината Кожуф.

По истражувањето на изворот компанијата доби дозвола и концесија за експлоатација и со официјалниот почеток во 1995 година започна и развојот нa „Кожувчанка“ како прва приватна минерална вода.

Како и тогаш пред 30 години, така и денес ние од „Кожувчанка“ имаме единствена визија и цел за производство на висококвалитетни безалкохолни и алкохолни пијалаци.

Во текот на овие три декади компанијата значително ги прошири своите капацитети и сега располагаме со модерни производствени линии.

Денес имаме 200 директно вработени лица и многу повеќе индиректни соработници, работиме со 20 дистрибутери во Македонија и партнери сме со пет поголеми компании од нашата област.

МАРИЛИ: Со кои безалкохолни и алкохолни брендови сте застапени на домашните и на странските пазари и каде ги извезувате Вашите производи?

ЧУПАРКОСКА: „Кожувчанка“ ДОО е производител и дистрибутер на пет бренда и тоа: Минералната вода „Кожувчанка“, секогаш водечки бренд на нашиот пазар кога станува збор за квалитетот во однос на цената - признание што го добива со години наназад, но и се огласува како иновативен лидер - прва газирана вода во лименка и вкусови богати со витамини.

Природната вода „Изворска“ со единствена екоамбалажа што 100 % се рециклира. Таа е со единствен, уникатен ребрест дизајн и ја произведуваме во повеќе литражи, а од неодамна ја пакуваме и за нашите најсакани, во јуниор варијанта.

Тука е и германскиот бренд Sinalco, кој оваа година слави јубилеј од 120 години.

Нудиме широко портфолио на газираните сокови Sinalco, негазираните сокови Sinetta и ледените чаеви IceTea, сите со голем избор на вкусови, потоа енергетскиот пијалак EnergiS, нашето македонско пиво што, освен во ПЕТ, стаклена амбалажа и во лименка, го нудиме и како свежо точено што директно од пиварницата го доставуваме во објектот за секогаш квалитетно и единствено доживување, како и непастеризираното ладно филтрирано светло пиво Lifer.

Нашите производи се високо ценети поради квалитетот и иновациите што ги имаат и ги извезуваме во Европа, Северна Америка и Австралија. Може да се пофалиме со едно од најбогатите портфолија во државата, со 70 продукти од пет бренда, а овој сегашен капацитет на производство ни овозможува да одговориме на потребите на нашите клиенти, како на домашниот, така и на странскиот пазар.

МАРИЛИ: Несомнено, високиот квалитет на Вашите производи е она што Ве прави препознатливи на сите пазари на кои дејствувате. Како се одржува врвен квалитет во континуитет? Во што најмногу инвестиравте во изминатиот период? Накратко, кои се плановите за иднина?

ЧУПАРКОСКА:  Одржувањето висок квалитет е резултат на континуирани инвестиции во модернизацијата на производствените капацитети и воведувањето напредни технологии.

Во последниот период најмногу инвестиравме во автоматизацијата на производните процеси и усогласувањето со меѓународните стандарди за квалитет.

Планираме и во иднина да го одржуваме високиот стандард на секој наш производ со фокус на иновации, да продолжиме со проширувањето на нашата понуда и да влеземе на нови, атрактивни пазари.

МАРИЛИ: Вие сте успешна менаџерка на надалеку препознатлив бренд. Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата? Дали тоа се личните карактеристики, формалното и неформалното образование, поддршката од семејството, поддршката од тимот или, пак, нешто сосема друго?

ЧУПАРКОСКА:  За да напредува жената во кариерата, од пресудно значење е комбинација од сѐ што погоре е наведено. Од личните карактеристики, како мојата решителност и упорност, секојдневната поддршка што ја имам од семејството дома и на работа затоа што тие се и мои колеги, како и одличниот  тим со кој градиме заедничка иднина. Секако, континуираното усовршување преку формално и неформално образование е важен фактор, како и способноста да се води компанија донесувајќи клучни стратегиски одлуки.

МАРИЛИ: Покрај менаџерската позиција, Вие сте и семејна жена.

Како успевате да го балансирате приватниот и деловниот живот? Што Ве исполнува во слободното време и Ве стимулира за уште поголеми успеси?

ЧУПАРКОСКА: Балансот помеѓу приватниот и деловниот живот е предизвик, но со добра организација и поддршка од целото семејство успевам да го одржувам.

Слободното време им го посветувам на фамилијата и блиските, времето поминато со нив ме релаксира и ми дава енергија за сите предизвици.

Моите мотиви за понатамошен успех се инспирирани од желбата да продолжам да ја развивам компанијата и да придонесам со позитивен ефект за заедницата и економијата.


Статијата е прочитана 261 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско