Главната економистка на Народната банка, Крстевска: Преку поддршка на зелените кредити и одговорното инвестирање на девизните резерви даваме придонес за зелените финансии

Поддршката за зголемување на потенцијалот за зелено финансирање е клучна во справувањето со климатските промени и одржувањето на финансиската и економската стабилност. Народната банка, преку спроведување повеќе активности, вклучително и монетарни мерки, придонесува за поттикнување на зеленото финансирање.

„За одбележување е постојаниот раст на уделот на зелените кредити во вкупните кредити, од ниво од околу 2,2% на крајот на 2019 година до 4,5% на крајот на првиот квартал на 2024 година, додека износот на одобрените зелени кредити е зголемен за 2,8 пати“, објаснува во гостувањето за „Блумберг Адрија“ главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска.

Иако сѐ уште не постојат стандардизирани методологии и сеопфатни податоци за зелените кредити, може да се каже дека според податоците од анкетата на ЕБА од 2023 година, зелените кредити во портфолиото на нашиот банкарскиот систем се на слично ниво како и европскиот просек.     

„Климатските ризици како глобална појава, освен делување во домашната економија, изискуваат и делување во глобални рамки. Централните банки ширум светот својот глобален придонес го даваат преку инвестирање на девизните резерви, водејќи сметка покрај основните критериуми за нивното инвестирање, да се земат предвид и климатските аспекти, преку вложување во т.н. зелени обврзници на меѓународните пазари. Како дел од заложбите на Народната банка за справување со климатските промени е и вклучувањето на обврзниците за финансирање зелени и социјални проекти во портфолиото на девизните резерви на нашата централна банка“, посочува главната економистка на Народната банка, Крстевска.  

Извор: НБРСМ/Блумберг Адрија


Статијата е прочитана 215 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско