Одржана заедничка средба на „Марили Бизнис Клуб“ и Стопанска комора на Северна Македонија

Во текот на вчерашниот ден (среда), 25.10.2023 година во организација на „Марили Бизнис Клуб“ (МБК) основан од марикетинг агенцијата „Марили“ и Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), се одржа средба на која беа презентирани жените менаџери, прогласени за лауретки на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во 2020, 2022 и 2023 година. Секоја членка беше презентирана одделно, поради неможноста да бидат претставени пред останатите членки на „Марили Бизнис Клубот “ во екот на ковид - пандемијата, а со цел менаџерките лично да се запознаат, да имаат можност да се дружат и да се вмрежат. Лауретките ги претстави генералната менаџерка на агенција „Марили“, Лидија Трипуноска.

По презентирањето на новите членки, потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија и Национален координатор за медијација назначен од Владата на РСМ, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, пред членките на Клубот одржа предавање на тема: „Бенефитете од медијацијата“, кое наиде на одлични реакции кај членките и слушателите.

На заедничката средба на МБК и СКСМ, за почесна членка на „Марили Бизнис Клуб“ беше прогласена д-р Јелисавета Георгиева Јовевска.

„Марили Бизнис клубот“ постои од 2016 година. Формиран е во чест на членките, да соработуваат, да контактираат, да се помагаат меѓусебно, како и да ја покажат хуманоста и да ја поттикнат кај другите.

Постигната е и целта за соработка и вмрежување со жени претприемачи, менаџерки и лидери од регионот. Жените менаџери од регионот се дел од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ и од „Марили Бизнис Форум“ веќе две години.

Од основањето на МБК па досега, организирани се четири хуманитарни акции, од кои најнова е овогодишната, реализирана на манифестацијата „Избор на најуспешни жени“ во 2023 година, одржана во мај.

Годинава, генералната менаџерка на „ЛНТ Диагностик“, Наташа Паунова Блажевска преку „Мaрили Бизнис Клуб“ донираше апарат „Афијас 6“ за безболни крвни анализи, а членките на Клубот донираа финансиски средства за тестови за истиот апарат. 

Апаратот беше дониран во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје, а беше лично однесен од генералната менаџерка на  агенција „Марили“, Лидија Трипуноска и генералната менаџерка на „ЛНТ Диагностик“, Наташа Паунова Блажевска.

„Марили Бизнис Клуб“ и агенција „Марили“ продолжуваат да го поддржуваат женското претприемаштво и лидерство, да ја поддржуваат жената во бизнисот, да бидат хумани и пример за идните генерации. 


Статијата е прочитана 636 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско