Филмот е најдобар амбасадор на една земја - потребна е стратегија за иднината на младите режисери

Интервју со проф. Антонио Митриќески, реномиран македонски режисер познат по многу филмски остварувања, меѓу кои „Деца на сонцето“, „Преку езерото“, „Како лош сон“, документарецот „Љубовта на Кочо Топенчаров“ и многу други.  Митриќески е професор на Драмскиот факултет во Скопје на Катедрата по филмска и ТВ режија, напишал три универзитетски учебници за филмот како уметност, книга за теорија и практика на документарен филм и има издадено три збирки поезија. Еден од поводите за интервју со режисерот е и неодамна добиената државна награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста. Проф. Митриќески зборува за актуелните и идните проекти, за вистинските вредности и верува дека образованието, науката и  уметноста може да ги инспирираат и да ги поттикнат луѓето да прават големи работи.

МАРИЛИ: Добитник сте на државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста. Иако ова признание говори за вашите врвни достигнувања во македонската и кинематографијата воопшто, си дадовте ли себеси аманет за уште поголеми заложби за афирмација на македонската култура и уметност?

ПРОФ. МИТРИЌЕСКИ: Ви благодарам за поканата да бидам со вашите читатели по повод државната награда Св. Климент Охридски. За мене оваа награда е од големо значење, особено поради името кое го носи Св. Климент Охридски, кој е нашиот прв изворен автор, просветител и основач на Охридската книжевна школа. Знаеме дека тој ја предводел борбата за опстанок преку книжевноуметничка и образовна дејност.

Затоа, треба да бидеме вечно благодарни за сите подвизи на големите имиња низ нашата историја.

Оваа наградата ме прави уште поодговорен, од една страна, а од друга ми дава голем поттик за мојата натамошна режисерска дејност. Да кажам и тоа дека оваа награда доаѓа во една зрела фаза од мојот творечки подвиг, ме мотивира да работам, да продолжам и да опстојам во сите околности на нашето битисување, во сите лични и творечки премрежја, кој навистина во овие 4децении сум ги имал многу....бидејќи знаете ние уметниците колку сме сензитивни во однос на надворешните случувања кои се рефлексија на нашиот креативен концепт.

Наградата Св. Климент Охридски, мене ме обврзува да дадам уште поголем придонес во општеството, особено во правец на поттикнување на идните генерации да опстојат и останат во Македонија, да веруваат дека и во нашата земја со труд и работа во иднина ќе ги постигнат своите цели.

МАРИЛИ: На што работите во моментов, има ли на повидок проект со којшто ќе ја израдувате македонската публика?

ПРОФ. МИТРИЌЕСКИ: Да, во овој период се посветив на мојот нов филмски проект и на заокружување на моето целокупното искуство, како режисер и како професор, со издавање три универзитетски учебници за потребите на своите студенти на Катедрата по филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Знаете, за еден човек-режисер кој сѐ претвора во слики, ги визуелизира мислите, ми беше предизвик сето акумулирано знаење да го преточам со зборови во теорија, односно целата практика да ја оформам со сопствена методологија за потребите на студенти на филмска и ТБ режија, камера и монтажа.

Овие учебни помагала се единствени на македонски јазик за изучување на спецификите во граматиката на филмскиот јазик. 

Насловени се Филмот како уметност, во три дела од идеја до премиера, со посебен акцент на снимателскиот дел.

Досега студентите преведуваа од други јазици, така што сметам овој материјал ќе остане како траен белег за идните генерации кои ќе го изучуваат филмот во нашава средина.

МАРИЛИ: Кои се Вашите планови за блиска иднина? Можеме ли да очекуваме ново филмско остварување или пак нешто друго?

ПРОФ. МИТРИЌЕСКИ: Со Божја волја, да во моментов работиме на нов филмски проект, поддржан од Агенција за филм на Р. Македонија. Моите идни планови се компленто поврзани и зависат од  реализацијата на овој филмски проект. Филмот опфаќа случка од Прва светска војна во Македонија, на локации Галичица, и двете езера, Охридското и Преспанското. Темата е поврзана со болеста „маларија“ која во тоа време ги косела војските на двете страни и населението, и една потрага по лекот како вистински своевиден подвиг на хуманоста.  

Идеите и концепциите карактеристични за тоа време, во кое се случува дејствието се надоврзуваат на современите сознанија и актуелните состојби во светот во борбата против вирусите.

Во овој момент сме во фаза сме на копродукциски договори. Здравје боже, следната година би требало да снимаме, но еве засега нека остане една мала тајна која ќе ги поттикне вашите читатели да дојдат и да го гледаат овој филм.

МАРИЛИ: Како професор кој постојано е во контакт со помладите генерации, детектирате ли таленти и што треба да направиме истите да останат и да творат во Македонија?

ПРОФ. МИТРИЌЕСКИ: Веќе 3,5 децении сум дел од професоркиот кадар на Факултетот за драмски уметности во Скопје, при УКИМ, во одделот за филмска и ТВ режија.

Со гордост можеме да кажеме дека излегоа генерации квалитетни млади режисери уметници, кои се присутни на филмските фестивали низ Европа, па дури и до номинација на највисоката светска филмска награда Оскар.

Знаете, работата на еден филмски режисер е снимањето, практичната надградба и искуството кое се стекнува при тоа.

Добриот режисер мора континуирано да го надградува своето знаење и својот  занает.„...Да се биде режисер не значи само да се има талент, или стручно знаење, туку е потребна и психичка отпорност која му овозможува на младиот човек да опстане како режисер“.

За жал, во овие економски услови, филмот е скапа и комплексна работа, затоа младите имаат потешкотии во текот на студентските денови да ги реализираат своите кратки филмови.

Затоа треба да имаме стратегија за иднината на младите режисери откако ќе дипломираат, стратегија која секоја година ќе ги поддржува со дебитантски филмови, која ќе го разгорува нивниот ентузијазам за снимање, да бидат во постојана кондиција, затоа што филмот е најголемиот амбасадор на една земја.

Всушност секој режисер после едно дело прави согледувње на она во кое успеал, или не.

МАРИЛИ: Каква е соработката со филмските работници од Балканот и пошироко?

ПРОФ. МИТРИЌЕСКИ: Првенствено соработувам со моите колеги од студентски денови од Школата за филм во Лоѓ, Р. Полска.

Тие се насекаде во светот и за секоја моја дилема разговараме, бидејќи сме иста школа, брзо се разбираме и се надополнуваме. 

На Балканот соработував со Мики Манојловиќ, монтажерот Андрија Зафрановиќ, глумицата Алма Прица, продуцентот Игор Нола, сценаристот Гордан Михиќ, а во последниве години знам по приватна линија да се слушнам со моите пријатели колеги - Лордан Зафрановиќ, Дарко Баиќ, Горан Марковиќ и Рајко Грлиќ.

МАРИЛИ: Дали во денешни услови можат образованието, културата и уметноста да направат трансформација на системот на вредности?

ПРОФ. МИТРИЌЕСКИ:  Апсолутно да....и тоа е единствениот пат кој сметам дека води до вистинските вредности.  Затоа, треба да се промовира јавното знаење за придонесот на образованието, науката и уметноста во развојот на општеството, за што, без сомнение, претставува и оваа значајна државна награда.

Образованието и уметноста се централни столбови на општеството за развој на човекот. Движењето, песната, ритамот и раскажувањето приказни се најраните начини преку коишто човекот комуницира, а тоа се истите исконски импулси кои го поттикнуваат учењето и творењето низ целиот животен век. Но, најважно е да се опстои во сите околности на нашето битисување, во сите лични и творечки премрежја. Силно верувам дека образованието, науката и  уметноста може да инспирираати да ги поттикнат луѓето да прават големи работи.

Заради тоа, се надевам дека еден ден во нашава земја ќе се оствари подлабока  релација во идентификување на нови начини за вклучување на образованието, науката и уметноста за подобрување на условите за живот на луѓето. Ние постоиме низ она што го правиме. Ако секој од нас се труди да ги исполнува на најдобар можен начин своите обврски, тоа ќе вроди со плод не само на личен план, туку и за целата заедница.

МАРИЛИ: Што прави Антонио Митриќески кога не предава, пишува или режира? Имате ли хоби и како го поминувате слободното време? 

ПРОФ. МИТРИЌЕСКИ: Да, имам хоби, тоа е планинарењето. Уживам во македонските планини, чистиот воздух и дружењето со моите пријатели од клубот „Кораб“, Скопје.

Проф. Митриќески е роден во Скопје, 1961 година и е син на покојниот академски вајар, Боро Митриќески. Филмска режија завршува на Високата државна школа за филм и телевизија во Лоѓ, Р. Полска.

Професор е на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата за филмска и ТВ режија.

За својата работа добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Специјална награда на градот Лоѓ за филмовите „Двобој“ и „Ден“ (1985), Златен медал за дебитантски филм на 38-миот фестивал на југословенскиот документарен и кусометражен филм во Белград за документарниот филм „Љубовт на Кочо Топенчаров“ (1991), Награда на публиката на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ (1997).


Статијата е прочитана 1262 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско