Во организација на „Вина на Македонија“, успешно одбележан во Скопје Vranec World Day 2026
Со голема посетеност на бројни вински љубители, овој понеделник, на 5ти октомври во Културно информативниот центар во Скопје се одржа осмото издание на Vranec World Day, во организација на Здружението „Вина од Македонија“.
Во центарот на годинешното издание беа македонските винариите и Здружението „Вина од Македонија“ кои со години работат на развојот и афирмацијата на Вранецот. Преку различни стилови и интерпретации, тие ја градат современата приказна на сортата и придонесуваат таа да станува сè попрепознатлива и кај домашната и кај меѓународната винска публика.
Посетителите имаа можност да дегустираат вина од познатите македонски винарии Тиквеш, Камник, Венец, Попова Кула, Лазар, Дане Хермес, Бовин, Монтеко, Стоби, Имако, Сопот, Ризов, Попов, Мовино и Виника, и на едно место да се запознаат со разновидноста и потенцијалот на Вранецот.
Во рамки на официјалниот дел од манифестацијата, пред отворањето на вратите за широката публика, Ian Bancroft, британскиот писател, поранешен дипломат и меѓународен вински автор кој повеќе од 15 години пишува за вината од регионот, беше прогласен за Вранец Амбасадор 2026.
Признанието му го додели Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението „Вина од Македонија“. Таа воедно накратко се осврна и на почетоците на Vranec World Day, на развојот на иницијативата во изминатите осум години и мисијата сортата Вранец да добие поголема препознатливост кај нас, во регионот и пошироко.
Во своето обраќање, Bancroft истакна дека македонската винска сцена оди во добра насока, но дека има уште многу простор за развој. Тој посебно се осврна на винскиот туризам и на потребата од подобра инфраструктура и услови за прием на гости, како и до разните содржини преку кои посетителите вистински ќе можат да го искусат виното и регионот. Бакрофт посочи дека за тоа да се оствари потребна е и широка институционална поддршка.
Најнакрај треба да се напомене дека Vranec World Day оваа година не се одбележуваше само во Скопје. На 5 октомври, Вранец и Вранац се славеа и во Црна Гора, како и во други земји од регионот каде што сортата се одгледува и промовира.
Осмото издание уште еднаш покажа дека Вранецот не е само сорта, туку заедничка приказна на винариите, производителите и луѓето кои ја развиваат винската култура на Македонија и Балканот.
Организатор: Здружение „Вина од Македонија“
Статијата е прочитана 167 пати.



























