Тренчевска: „Неделава треба да биде готов извештајот на работната група за пензиите, во мерките не е предвидено линеарно зголемување“
Оваа недела се очекува да биде готов извештајот на работната група за пензиите. Во мерките што ќе бидат донесени, како што изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, не е предвидено линеарно зголемување на пензиите, затоа што, како што рече, мора да се води сметка за стабилноста на пензискиот систем.
„Очекувам оваа недела да биде доставен извештајот на работната група којшто ќе биде доставен до Владата за сите заедно да одлучиме кои мерки дополнително ќе бидат донесени во новиот пакет на антикризни мерки. Меѓу тие мерки нема линеарно зголемување затоа што линеарното зголемување не им оди во прилог на сите пензионери. Со новата методологија, само за година и пол, најниската пензија е зголемена за речиси 2.200 денари, а согласно растот на пензиите, и понатаму ќе се применува новата методологија и ќе се оди со она што е законско решение сега во моментот. Ќе имаме мерки што ќе значат дополнителен приход, финансиска поддршка на пензионерите, меѓутоа ќе бидат опфатени оние пензионери кои се со ниски пензии и кои се во најранливата категорија“, изјави Тренчевска по посетата на градинката „13 Ноември“ по повод Денот на детето.
Тренчевска рече дека како Влада остануваат отворени за разговор со пензионерите, но дека не се согласува со линеарно зголемување на пензиите како што бараат пензионерите поради стабилноста на пензискиот систем.
„Секое нереално покачување на пензијата и секое нереално трошење на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување значи дека ќе ги доведеме во несигурност исплатата на пензиите на сите 336.000 пензионери. Ниту како Влада, ниту како министерка за труд и социјална политика нема да дозволам да се наруши стабилноста на Пензискиот фонд. Од 2017 година наваму работиме на зголемување на приходите во Фондот за пензиско и тоа го покажуваме со намалување на дефицитот којшто во 2017 беше околу 47 проценти, а сега е намален на 33 проценти“, истакна Тренчевска.
Посочи дека за година и полoвина пензиите се зголемени за 24 проценти од јануари лани согласно усогласувањето со животните трошоци.
„Јас не велам дека ниските пензии се доволни. Меѓутоа, со финансиска поддршка без да се доведе во прашање стабилноста на пензискиот систем ќе креираме мерки со коишто ќе донесеме повеќе средства на трансакциските сметки на пензионерите особено на оние со ниски пензии. Методологијата дава одлични резултати затоа што од 1 јануари 2022 година кога минималната пензија беше 10.487 денари вчера најниската пензија се исплати во висина од 13.200. Значи, пензијата е зголемена за повеќе од 3.000 денари само за година и пол“, рече Тренчевска.
Статијата е прочитана 877 пати.