Изложбата „Отпорност - Приказни за жени кои инспирираат промени“ од утре во „Мала Станица“
На изложбата што се одржува по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, фондацијата World Press Photo и Кралството Холандија претставуваат избор на приказни, наградени на конкурсите на World Press Photo од 2000 до 2021 година кои ја истакнуваат отпорноста и предизвиците на жените, девојките и заедниците ширум светот
Во Мултимедијалниот центар „Мала Станица“ од 25.11.2022 до 11.12.2022 година ќе биде поставена изложба „Отпорност – Приказни за жени кои инспирираат промени“. На изложбата што се одржува по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, фондацијата World Press Photo и Кралството Холандија претставуваат избор на приказни, наградени на конкурсите на World Press Photo од 2000 до 2021 година кои ја истакнуваат отпорноста и предизвиците на жените, девојките и заедниците ширум светот.
Изложбата е во организација на Македонскиот центар за фотографија во партнерство со Националната галерија, а финансиски е поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија.
Изложбата ќе ја отвори министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, а на неа ќе се обрати и амбасадорот на Холандија во нашата земја, Н.Е. Дирк Јан Коп. Отворањето е закажано за 20 часот.
Оваа заедничка изложба ја афирмира посветеноста на Холандија на правата на жените и родовата еднаквост и правда. Повеќе гласови документирани од 17 фотографи од 13 различни националности нудат увид во прашања како што се сексизмот, родовото насилство, репродуктивните права и пристапот до еднакви можности. Изборот на приказни истражува како женските и родовите прашања во 21 век еволуирале и како фоторепортерството ги менувало начините на кои тие се прикажуваат.
На изложбата ќе можат да се видат фотографиите: „Наоѓајќи ја слободата во водата“ од Ана Бојазис, која ја споделува приказната за учениците од основното училиште Киџини кои учат да пливаат и да спасуваат давеници во Индискиот Океан, во близина на плажата Мујуни, Занзибар, „Плач за слобода“ од Фору Алаеи, фотографија што ги документира навивачките на кои им е забранет влез на фудбалските стадиони во Иран, потоа „Ветувањето“ од Ирина Вернинг за Антонела (12) од Буенос Аирес, Аргентина која вети дека ќе ја скрати својата долга коса кога ќе може да продолжи со часовите во живо на училиште кое беше прекинато поради пандемијата КОВИД-19.
Други фотографи кои се застапени на оваа изложба се: Финбар О`Рајли, Маика Елан, Каталина Мартин-Чико, Пабло Тоско, Оливија Харис, Терел Грогинс, Џонатан Бахман, Хеба Камис, Даниел Берехулак, Робин Хамонд, Дијана Маркосијан, Јан Граруп, Магнус Венман и Фулвио Бугани.
Во рамки на изложбата, во сабота во Кинотека на Северна Македонија со почеток во 11 часот кураторката од фондацијата World Press Photo, Марика Цукровски ќе одржи предавање наменето за сите љубители на фотографијата. Влезот е слободен.
Исто така од 21.11 - 07.12. 2022 Македонскиот центар за фотографија организира фотоработилница за документарна фотографија на тема „Човекови права“ на која учествуваат 11 студенти по фотографија.
Статијата е прочитана 450 пати.