Промоција на книгата „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски

Денес, во 20 часот, во фоајето на МКЦ во Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски. Поетската книга е издание на „Бата прес“, а нејзиното објавување е поддржано од Министерството за култура. Книгата заеднички низ дијалог ќе ја промовираат авторот и писателот Гоце Смилевски, а песни од книгата музички ќе изведат Бранислав Николов и Гоце Јовановски.

За поезијата на Трајковски, Смилевски, меѓу другото, пишува:

 „...Поезија на метафизичко проникнување на човековата егзистенција, низ дијалог со филмовите, или делови од нив“.

„...Читајќи ја оваа поетска збирка на Трајкоски, соочени сме со поезија богата со специфична визуелна имагинација, и честопати имаме впечаток дека стиховите полни со интимни рефлексии, како и оние со контемплации, се менуваат со стихови со таков визуелен набој, како да се снимени, кадрирани, монтирани, зумирани...“

„...Впечатливата симбиоза на поетското, визуелното и контемплативното.“

„...Во поезијата на Трајкоски сведоци сме за едно суптилно чувство за детаљот, и имаме впечаток сличен на оној како кога камерата, во остварувањата на одредени синеасти се приближува до одреден објект не само за да ни го направи она што го снима повидливо и повпечатливо, туку и создавајќи едно скоро хипнотичко дејство, или поскоро - трансцендентално чувство на понирање на набљудувачот не само во визуелната димензија, туку и во суштината на она што се набљудува: како да нѐ води некаде отаде видливото.“

Авторот Дејан Трајкоски е роден 1977 година во Прилеп. Работел како новинар, селектор на филмски фестивали, уредник, издавач... Тој е идеен автор и организатор на фестивалот ПРО-ЗА Балкан, основач и уредник во издавачката куќа „Прозарт медиа“. Автор е на романите „Вистина. Љубов. (рашомонијада)“ (2012) и „Неверство“ (2014). Романот „Неверство“ е преведен на англиски, германски, арапски, српски, ерменски, албански и бугарски јазик.

Бил член во жирија на филмски и литературни фестивали во странство: Варшава филм фестивал, Мотовун филм фестивал, Котбус филм фестивал, Тирана филм фестивал, Литературниот фестивал „Виленица“...

Бил член на Интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар.

 

 

 


Статијата е прочитана 440 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско