Спомен куќата на Лазар Личеноски ќе биде прозорец кон светот

Европска куќа во Скопје го одбележа својот трет роденден со повеќе настани и оддавање почит на културното наследство на македонскиот сликар Лазар Личеноски. Активностите се организираат во соработка со Националната галерија.

Како дел од овие активности денеска во посетата на Куќата-музеј на Лазар Личеноски под Кале беа евроамбасадорот Дејвид Гир, сопругата на претседателот, Елизабета Ѓрогиевска, директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими и други

„Голема чест е што можеме да ја прославиме третата годишнина од отворањето на нашата Европска куќа (Europe House) овде, во домот на еден од големите македонски уметници Лазар Личеноски. Може да речете, каква врска има Личеноски со Европската куќа? Каква врска има македонската уметност и култура со Европската Унија? Мојот одговор е – сè. Идејата за формирање на Европска куќа во Скопје е поставување прозорец на ѕидот, прозорецот е транспарентен и има две насоки. Европската куќа го отвора прозорецот кон светот за да ја види разновидноста и креативноста, особено на младите. И така, Куќата на Европа исто така отвори прозорец за светот да го види богатството, различноста и креативноста што постои овде во Северна Македонија, особено на нејзините млади луѓе“, рече евроамбасадорот Гир.

„И би сакал да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на младите уметници кои  учествуваа на оваа изложба. Но, можевме да одиме понатаму. Благодарение на дарежливоста и имагинацијата на Дита и Националната галерија, успеавме да отвориме не само прозорец, туку и врата до домот на голем уметник. Уметник чие дело ја изразува, за мене, самата суштина на оваа земја – бели булки во поле, водено тркало, цвеќиња во вазна, рибари во чамци на езеро, Охрид, Галичник...Ова е куќа на духови, на спомени, на живот. Да одвоиме момент да се вратиме наназад. До првите денови кога е отворена оваа куќа….1962 година“, дополни Гир.

Тој потенцираше дека спомен куќата претставува огромен предизвик за сите да направат напор да му се даде живот на местото, Владата, граѓанското општество, бизнис заедницата, меѓународната заедница. 

„Би сакал да и се заблагодарам на првата дама Ѓоргиевска која е голем поддржувач на уметноста, за нејзиното покровителство денес, уште еднаш на Националната галерија која ја прифати оваа идеја од самиот почеток. На колегите од Европска куќа кои помогнаа во подготовката на денешниот настан. Посебно би сакал да споменам на оваа трета годишнина од отворањето на Европската куќа, за двајца луѓе кои оттогаш не напуштија: Дејвид Сасоли, претседател на Европскиот парламент кој ја отвори Европата куќа пред три години и веднаш ја сфати нејзината важност и прекрасната Вјоса Бериша која толку брилијантно го водеше проектот Европска куќа, и која, за жал, почина на почетокот на оваа година. И сега, ја оставам Куќа-музеј на Лазар Личеноски и младите уметници овде да зборуваат сами за себе… многу поелоквентно отколку што можам“ заврши евроамбасадорот Гир.

„Имам чест да присуствувам на настан по повод роденденот на Europe house и да ја погледнам студентската изложба посветена на нашиот реномиран ликовен уметник Лазар Личеновски. Со културните аташеа на земјите членки на Европската унија разменивме идеи за вмрежување со цел да ги разгледаме можностите за конзервација и реставрација на куќата-музеј на Личеновски, чие дело ја збогатува македонската културна ризница. Гордост е да се биде патрон на проектот во соработка со Националната галерија и претставници на Европската делегација. Проектот е значаен од повеќе аспекти, покрај идеолошката и традиционалната вредност, претставува основ да се изгради жив и динамичен простор како инспирација за наредните генерации“,рече Елизабета Ѓоргиевска.  

 На свеченоста се обрати и деиректорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими која зборуваше за важноста на проектот за конзервација и реставрација на спомен куќата на Личеноски.

„Спомен-куќата ‘Музеј Лазар Личеноски’ е еден од најважните проекти, како за Националната галерија така и за културната јавност во земјава воопшто заради што и постојано поттикнува голем интерес. Но, воедно  и проект со кој се соочуваме со најмногу предизвици во неговото реализирање. Затоа што станува збор за еден долг процес кој сам по себе опфаќа повеќе фази и ангажман од повеќе тимови и многу стручни лица. И покрај добрите желби и силните настојувања што поскоро да го направиме достапен на јавноста, морам да кажам дека обемноста и сложеноста на работите при изработката и реализацијата на одделните конзерваторски и реставраторски проекти, сами по себе го диктираат и темпото на реализација. Проектот опфаќа конзервација, адаптација и ревитализација на куќата на Личеноски со крајна цел таа како дом на еден најзначајните основолположници на македонската современа ликовна уметност да биде пренаменета во спомен куќа ‘Музеј Лазар Личеноски’. Со ова на новите генерации, но и на туристите ќе им овозможиме автентично да го доживеат амбиентот во кој овој наш доајен живеел и творел, а водено извршувал и едукативна работа“, истакна Старова Ќерими.


Статијата е прочитана 359 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско