Вкупно 16 скулптури изложени во КИЦ на самостојната изложба „Емоции“ на Никола Смилков

Минатиот петок, на 04.11.2022 година во Културно информативниот центар во Скопје (КИЦ) беше отворена самостојната изложба со наслов „Емоции“ на македонскиот скулптор Никола Смилков.

Смилков пред бројните љубители на ликовната уметност се претстави со 16 скулптури во галериски формат реализирани во бронза и мермер. Делата кои се изложени во галеријата во Културно информативниот центар се дела кои беа претставени во изминатата година во Модерна галерија Будва, Црна Гора, во Тамњаница, Србија и дел од поставката од изложбата „Поглед во небо“ во галеријата „Мештровиќ“ во Сплит, Хрватска. 

На изложбата се претставени 16 женски фигурации во позиции кои асоцираат на одредени емоции.

„Смилков своето уметничко дело како од самите негови почетоци да го поврзува со таинствени нишки со култниот однос кон човечката фигура, особено женската, како центар на микрокосмичките случувања. За неговиот создавачко-креативен импулс, фигурата претставува како интуирање на смислата на еден реално даден облик, така и особена загатка со определена материјална таинственост низ која еманираат ирационални димензии на уметничкото, кое подразбира и ликовно, и психолошко, и духовно, со осмислување на важните димензии на архетипското. Сведена, кубистички поедноставена, во дискурс на минимализмот прецизно обликуваната форма оддава низ призмата на ликовното необично важни, суштински ознаки на значењето во самата своја содржина. Претставените женски ликови/актови, кај кои голотијата останува поттисната пред напливот на исказите на различни емоционални состојби конкретизирани со став или придвиженост, укажуваат на универзалниот симбол на женскиот принцип, кој озарува со мирноста, топлината, нежноста, но и силата, па однадвор и одвнатре прави енергетски ‘рбет без кој не се може; создава вдишување без кое би немало издишување“,наведува црногорската историчарка на уметност, м-р Луција Ѓурашковиќ во ликовната критика за делата на Смилков

Изложбата, финансирана од Град Скопје ја отворија историчарот на уметност, Љупчо Маленко и македонскиот сликар, Емил Шулајковски.

Изложбата ќе трае до 12.11.2022 (сабота).

Проф.д-р Никола Смилков е редовен професор по методика на ликовното образование и вајарство на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој е.роден 1973 година во Штип, студирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал, а магистрирал во 2002 година од областа на вајарството во класата на проф. Драган Попоски-Дада. Докторирал во 2012 година на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола од областа методика на ликовното образование.

Смилков учествувал на многу меѓународни симпозиуми, има поставено повеќе монументални скулптури, а бил дел од бројни групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина , Египет и Индија. За време на професионалната кариера реализирал неколку студиски посети, вклучително и во Cite De Arts во Париз и „Прима центар“ во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.

Во 2021 година тој беше награден со Гран при на 5. Меѓународно биеналале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора. Како национално признание за неговата уметничко работа Смилков е наградуван два пати, во 2008 и во 2016 година ја добива првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).


Статијата е прочитана 539 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско