Со електричните возила на „Олимпиа моторс“ до поздрава животна средина

Интервју со Светлана Пљакоска, управител на „Олимпиа Mоторс“ и „Олимпиа Моторс Аутлет“ во кое зборува за лидерската позиција на компанијата на пазарот на премиум користени возила во Македонија, но и во продажбата на користени електрични возила, за дополнувањето на дејноста со продажба на полначи за струја на електричните возила, за бројните хуманитарни проекти како што е крводарителската акција што веќе 10 години е традиција за славењето на роденденот на компанијата, како и за тоа што е се потребно за да се води успешен бизнис

 

 

МАРИЛИ: Брендот „Олимпиа Моторс“ одамна е присутен на македонскиот автомобилски пазар. Која е спецификата на денешното работење на компанијата, со што точно се занимавате? 

ПЉАКОСКА: „Олимпиа Моторс“ е овластен сервисен центар за Опел, како и мултибренд сервис за лимаро-фарбарски услуги. Во 2017 година групацијата на „Олимпиа Моторс“ ја прошири својата дејност со уште една компанија „Олимпиа Моторс Аутлет“, која е лидер на пазарот на премиум користени возила во Македонија, но и лидер во продажба на користени електрични возила. Оваа година дејноста ја дополнивме со продажба на полначи за струја на електричните возила за кои станавме дилери на Wallbox и на Keba.

 

МАРИЛИ: Од каде потекнува идејата за електрични возила и како Вие лично гледате на тоа?

ПЉАКОСКА: Следејќи ги светските трендови во автомобилската индустрија, земајќи ги предвид предизвиците поврзани со фосилните горива и последиците што тие ги предизвикуваат врз планетата Земја, ѝ се придруживме на глобалната заедница што има цел да создаде свет напојуван од обновлива енергија. Како резултат на одлични реакции од клиентите - правни и физички лица, сигурни сме дека ќе се развиваме во оваа насока, но наедно свесни сме и за потребата од вложување и во инфраструктура за полнење на електричните возила што недостасува во нашата земја.

Нашето мото е да направиме свет поубав за живеење преку паметно користење на ресурсите и преку наша севкупна општествена одговорност. Во таа насока оваа година компаниите ја реализираа инвестицијата за вградување фотоволтаична централа поставена на двата објекта со кои располагаме.

 

МАРИЛИ: Вие сте една од ретките жени во автомобилскиот бизнис во нашата држава. Од каде афинитетот за оваа работа, како се носите со конкуренцијата и колкаво искуство и знаење се потребни за да се менаџира ваква исклучително динамична дејност?

ПЉАКОСКА: Тоа што денес го работиме е резултат на семејниот бизнис што започна уште пред 33 години. Моите родители отсекогаш се занимаваа со автомобилизам и беше природно да се продолжи по тие чекори. Секако, низ годините самиот бизнис помина низ различни фази на транзиција, за среќа, до ден-денес сите успешни.

Според моето мислење, за успешен бизнис е потребна вистинска посветеност, напорна работа и приспособување на пазарните предизвици со кои секојдневно се соочуваме. Знаењето и надградбата на себе, но и на целиот тим е од клучно значење за работењето, но уште поважно е кога нешто не знаете, да знаете каде да се обратите.

Конкуренцијата ја сметам за здрава и таа ни помага да видиме каде сме добри и каде имаме простор да се подобриме.  

 

МАРИЛИ: Имате и други афинитети во рамките на бизнисот, особено во правењето хуманитарни проекти. Кажете ни нешто повеќе за тоа!

ПЉАКОСКА: Хуманитарните проекти треба да ни бидат секојдневје на сите и не нешто што треба да го истакнуваме или експонираме. И приватно, а и во рамките на компанијата сме активни со нешта што ги правиме за да направиме поубаво место за живеење за сите нас и да помогнеме таму каде што можеме. Единствено би ја издоила крводарителската акција што веќе 10 години е традиција за славењето на роденденот на нашата компанија. 

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современи вештини за личен развој, поддршката и мотивацијата од работниот тим...?

ПЉАКОСКА: Успешноста бара пожртвуваност. Јас ја живеам и живеам со работата секој ден. Не постои работно време кога работите за да сте успешни, тоа е животен стил што или го сакате или е премногу за некој. Образованието е важно, но пресудно е да има континуитет во новитетите и тие да се следат, како и континуираната работа на себе, на личен развој, но и развој на најблиските соработници со кои ги градите успесите.

Важно е човек да знае што сака и да најде начин самиот да се инспирира.


Статијата е прочитана 617 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско