Симон Трпчески и пријателите им приредија незаборавна вечер на скопјани со „Македонисимо“
Уникатниот проект „Македонисимо“ конечно ја доживеа својата премиера пред македонската публика. Македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески заедно со пријателите од квинтетот „Македонисимо“ им приредија неазборавна вечер на скопјани и на сите оние кои дојдоа на платото пред Националната опера и балет за да ја почувствуваат музичката магија создадена од македонска народна музика преточена во звуци на класични и џез ноти.
„Македонисимо“, по цели пет години од премиерата во Германија и бројни изведби низ светот, завчеравечер конечно си „дојде дома“ во Скопје, пред македонскиот народ, на кој всушност и му е посветен. Платото пред НОБ беше претесно да ги прими сите оние кои дојдоа да го слушнат ова уникатно дело кое, како што вели Трпчески нешто „ептен македонско“.
„Исклучително сме среќни што на петгодишнина од проектот настапуваме во главниот град на нашата земја што се вика Македонија, во Скопје. И после многу концерти и претставувања на сега веќе девет странски јазици, (по последната премиера во Швајцарија), баш ми е ќеиф што можам да си го претставам проектот на својот сопствен македонски јазик“, рече Трпчески.
„Македонисимо квинтетот“ во кој покрај Трпчески се и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев на удирални пред бројната публика ги презентираше преработките на најубавите македонски ора и песни. Така со призвук на џез и класика можеа да се слушнат „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Чије е она девојче“ (посветена на родителите на Трпчески), „Филка мома“, „Беровка“, „Малешевка“, „Поступано“, „Беранче“… Во рамки на шесте „плетенки“ отсвирени се и испеани повеќе од дваесет македонски ора и песни.
На сцената Трпчески пееше, свиреше на пијано и на хармоника, кажуваше фрагмент од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, го цитираше Горан Стефановски, прочита песна од Миладинов.
„Моќна е музиката која доаѓа од народот, а токму македонската народна музика има исклучителна моќ и потенцијал, па ако и се пријде на вистински начин може да се носи рамо до рамо со класичната музика“, рече емотивно Тршчески.
„Македонисимо“ овој месец ќе биде изведен и во Штип и Битола, а потоа го продолжува патот по светот.
Светската премиера, пак, на оркестарската верзија на „Македонисимо“ ќе се случи на 2 март 2023 година во најпознатата музичка сала на светот, виенски „Музикферајн“, каде што се одржува традиционалниот Новогодишен концерт. „Македонисимо квинтетот“ ќе биде придружуван од австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо, од Јапонија.
Статијата е прочитана 491 пати.