Објавен романот „Хурем – московската наложница“ во издание на „Бата прес“

Во издание на „Бата прес“ објавен е романот „Хурем - московската наложница“ од познатата турска авторка Демет Алтинјелеклиоглу. Делото од турски на македонски јазик го преведе Саки Јусуфовски.

Станува збор за документарен, историски и љубовен роман за сопругата на Сулејман Величествениот, која на овдешната публика ѝ е позната и по популарната телевизиска серија „Величествениот“.   

Почеток на 16. век. Во Истанбул, како подарок, во харемот на султанот Сулејман Величествениот го носат прекрасното девојче Александра Анастасија Лисовска. Таа во историјата ќе биде запаметена како најмоќната жена во Османлиската империја – Хурем-султан. Со својата нежност и убавина успеала да го освои срцето на султанот, да стане негова единствена венчана сопруга и да има силно влијание во Империјата.

Познато е дека била ќерка на православен свештеник, со украинско или руско потекло. Била многу убава, итра и интелигентна, но и безмилосна владетелка. Имала исклучителен талент за музика, за танц. Имала харизма. На патот до престолот има многу љубов, но и крв, интриги, лаги, братоубиства, таткоубиства, чедоубиства...

Прекрасната Хурем е во постојана борба со нејзините грабнувачи, суровите евнуси – главатари на харемот, Махидевран – миленичката на султанот која му родила син престолонаследник. Се бори со моќниот Ибрахим-паша... Хурем се бори да ги заштити своите синови и единствената ќерка, но и да им го отвори патот до престолот...

Многу моменти од романот потсетуваат на денешните настани и војната во Украина.

Авторката Демет Алтинјелеклиоглу (Demet Altınyeleklioğlu) е родена во 1955 година во Анкара каде што дипломирала на Факултетот за политички науки, а магистрирала образовни комуникации на Универзитетот „Хачетепе“. Како писателка и продуцент на Турската радио телевизија (ТРТ) најмногу работела дела од жанрот историска фантастика. Нејзиниот прв роман, „Хурем – московската наложница“ беше објавен во 2009 година, а потоа напиша цела серија популарни романи за славните жени во османлиската династија. На македонски ѝ е објавен и историскиот роман „Црната кралица Косем-султан“, во издание на „Бата прес“ во 2017 година.


Статијата е прочитана 451 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско