Почнува 61. издание на Струшките вечери на поезијата
Со читање на Константиновата Т`га за југ и палење на фестивалскиот оган, вечер, на терасата на хотелот „Дрим“ во Струга ќе почне 61. издание на Струшките вечери на поезијата. Во рамки на фестивалската манифестација од денеска па до недела ќе одекнуваат стиховите на над 20 странски и 30-ина домашни поети.
Претходно, точно напладне во Паркот на поезијата ќе биде засадено дрвце во чест на добитникот на највисокото признание „Златен венец“ за 2022 година, јапонскиот поет Шунтаро Таникава. Годинашниот лауреат, како што соопшти дирекцијата на Фестивалот, поради поодмината возраст (91 година) и здравствени ризици нема да присуствува физички, а „Златниот венец“ во негово име ќе го прими неговиот син, Кенсаку Таникава. Специјален гостин на манифестацијата ќе биде минатогодишниот добитник на „Златниот венец“, израелскиот поет Амир Ор.
На Струшките вечери на поезијата најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-ина од државата меѓу кои Шаип Емерлаху, Иван (Ивица) Џепароски, Никола Маџиров, Рамша Ашраф, Ефе Дујан, Кедиџа Гадум, Бране Мозетич, Андријана Кос Лајтман, Сет Мајклсон, Јуриј Серебријански, Зоран Анчевски, Лидија Димковска…. Манифестацијата ќе се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката.
Во рамки на програмата предвидено е меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, потоа вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, како и поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети. Во рамки на програмата предвидена е промоција на Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети, чија тема е музиката.
Свеченото затворање на фестивалот ќе биде в недела, на 28 август на Мостот на поезијата со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга и „Браќа Миладиновци“.
Статијата е прочитана 361 пати.