Раскажаните приказни од бунарот на животот се суштината на патеписните репортажи
Интервју со Тања Трајковска, новинар, водител на тв проектот „Патуваме - сонуваме“ во кое зборува за љубовта кон патувањата и подготовката на патеписните рапортажи од различни дестинации, за 30-годишното професионално новинарско искуство, за посветеноста кон цвеќето во својата цвеќарница „Сончевина“ што ја исполнува со среќа и каде пронаоѓа убавина на живеењето и внатрешно задоволство
МАРИЛИ: Непосреден повод за ова интервју е телевизискиот проект „Патуваме - сонуваме“ во кој на еден содржаен, афирмативен и авантуристички начин не запознавате со различни туристички дестинации! Како се одлучивте да работите на ваков вид ТВ проекти?
ТРАЈКОВСКА: Тоа не е одлука. Тоа е чиста љубов. Тоа е внатрешен нагон што само еруптираше во еден момент. Баш како вулкан. Во истиот тој момент јас сфатив дека тоа е мојот терен, всушност, мојата највистинска животна патека. Дека тоа е страст, на која за мене и нема рамна.
Првата репортажа се случи 1998 година, пред безмалку 25 години. Толку имав и јас. Инсистирав да добијам камера на неколку дена и да отидам во Париз. Да направам репортажа. Се вратив со материјал за четири емисии, а бевме таму само 5 дена. После тоа следуваше циклус репортажи од речиси цела Европа, кој се викаше „Европа на дланка“. Траеше неколку години. Зборувам за моето работење во Телма телевизија. За кратко време, Славе Сирачевски - сопственикот на „Аурора“, човек што исто така е голем љубител на патувањата и на репортажите, ме ангажираше уште тогаш да направам репортажи за Египет и Тунис. Чинам дека тоа беше времето кога тие ги „отворија“ овие дестинации.
Ова е исто така многу одамна. Пред 20 години. И, еве сме денеска повторно истата екипа, на истиот терен. „Аурора“ и јас. Всушност, освен страста за патувањата и желбата тие да се преточат во приказни, односно, во петеписни репортажи, имаме уште нешто заедничко со „Аурора“. Обете постоиме и славиме триесет години професионална активност.
МАРИЛИ: Проектот го работите во соработка со „Аурора турс“! Кој и како го прави изборот на дестинациите и од што зависи каде ќе патувате?
ТРАЈКОВСКА: Изборот на десинации го прават секако, тие. Што се однесува до мене, апсолутно уживам на било која точка на планетата. И со иста страст го доживувам секој патеписен предизвик. Секаде се случуват сцени што мене ме маѓепсуваат и ми создаваат поле во кое јас игриво истражувам и раскажувам. Видовте, правевме репортажи и за Берово и за Козјак. Интервјуто со овчарот, со пчеларот, или со жената што прави сирење, за мене имаат иста тежина и со иста одговорност и љубов им приоѓам како на кое било интервју со некоја светски позната ѕвезда. Арман Асанте, на пример. Човекот кого прв пат го сретнав случајно правејќи репортажа од Будимпешта, пред 25 години, за повторно да се сретнеме пред некоја година на Хвар и да направиме интервју.
Во секој случај, Тунис е сега актуелна дестинација, бидејќи, после 10 години Тунис повторно ги отвори своите туристички порти. Следно на нашето заедничко туристичко мени е репортажата за Јордан, која, исто така, се подготвува во овој момент, а ќе се емитува на крајот на септември. После тоа мислам дека ќе следуваат приказни од малку подалечни, егзотични дестинации. Но, ви велам, за мене секоја дестинација на светот е своевиден предизвик.
МАРИЛИ: Колку време е потребно за да се реализира комплетно една емисија, односно, да се претстави на гледачите една дестинација, што е се потребно да се направи од подготовка до крајна реализација?
ТРАЈКОВ СКА: Тоа е процес во кој се подготвувам извесно време пред да тргнам. Истржаувам, читам, гледам се што ќе ми дојде на рака во тој предпатувачки период… Се обидувам да навлезам во суштината на земјата во која ќе патувам. Да се запознаам со нејзината историја, култура, религија, живот… Но, најмногу од се, истражувам за луѓето во чија што земја ќе патувам. Се обидувам да се сплотам со нив. Многу ми е важно да го почувствувам духот на народот. Луѓето се срцето и душата на една земја. Ако успеете да продрете во нивната нарав, во нивните животи, во нивната суштина, вие ја имате репортажата. Се друго потоа тече како по вода. Секако дека се важни и историските податоци, спомениците, културата, се она што како приказна треба да им се раскаже на гледачите, но, главно народот е тој кој е најсилниот пулс на секоја една земја. А, за гледачите знам дека многу повеќе сакаат да слушаат приказни од бунарот на животот, отколку од бунарот на историјата.
МАРИЛИ: Вашата нарација остава силен впечаток врз гледачот, но исто така и Вашиот изглед којшто е најчесто прилагоден на амбиентот и сензибилитетот на просторот кој го презентирате. Дали за сето тоа се подготвувате сама или некој Ви помага?
ТРАЈКОВСКА: Ви благодарам на убавата констатација. Но знаете како, се што правам, ама буквално се што правам во процесот на подготвување на патеписите, правам со блескаво уживање и со огромна љубов. Веројатно затоа тоа изгледа така како што изгледа. Или изгледа како многу луѓе да работат, како би се сокриле недостатоците, или како би се „нашминкала“ целата приказна. Со тек на време само се покажа дека недостатоците, всушност, се шармантната, или како би рекла несовршената страна на целата оваа прикзна. Тоа ве прави близок со гледачот. Тоа изгледа како да сте му дома на гости и како да му ја раскажувате приказната тука и само за него.
Никој не ми помага, немам ни стилист, ниту шминкер, ниту, пак, консултант за гардероба. Ги имам своите чувства, за земјата, за народот, за севкупниот амбиент во кој треба да се појавам.
МАРИЛИ: Која дестинација од сите што досега сте ги посетиле Вам лично Ви има оставено најголем впечаток и на некој начин Ви е омилена и можеби би се вратиле повторно и дали постои некое место за кое би сакале да направите емисија, а не сте го посетиле досега?
ТРАЈКОВСКА: Јордан ме фасцинираше. Ќе биде пренагласено ако речам дека утре би живеела таму, но, она поради што навистина до земја и се поклонувам на оваа земја, е количината љубов, добрина и човечност во која живее Јордан. Јордан е вистинска оаза на мирот и на љубовта. Луѓето во Јордан ја имаат сета питомост, срдечност и добронамерност за вие таму да се чувствувате како секој еден жител на Јордан да е ваш најблизок и најискрен пријател. Од друга страна, Петра е чудо кое мора да се види. Не само што е прогласено за седмо светско чудо, туку, Петра е вистински вулкан од емоции кои безпоговорно ќе ви се случат кога ќе се сретнете со неа.
А, од каде сакам да направаме репортажа!? Од цел свет. Мојот неостварен сон е телевизиско комбе со кое јас би тргнала од дома и до крајот на животот би се јавувала од секоја следна дестинација, додека не се вратам од таму, од каде што сум тргнала. Пат околу светот до 80 години! Така ќе се вика проектот, ако некогаш го создадам.
МАРИЛИ: Емисиите зрачат со посебен жар, што открива Ваш голем афинитет кон ваков вид проекти! Дали сметате дека со ова испорачувате уште еден Ваш водителски и новинарски квалитет во нашиот медиумски простор?
ТРАЈКОВСКА: Многу Ви благодарам ако сметате дека испорачувам водителски и новинарски квалитет во етерот. Многу би сакала да е така. Би сакала телевизијата да го врати својот вистински идентитет кој што го заслужува и за кој, всушност, постои. Да го врати местото кое и прилега, а тоа е да го образува народот, да му ја трасира социолошката, културолошката и воопшто, севкупната животна насока, да не речам филозофија. Додека јас бев вистински активна во телевизијата, навистина се внимаваше на овие атрибути. Првиот момент кога целата гледливост на телевизијата се претвори и почна да зависи од бројки и кога престана да се води грижа за телевизиската популација, особено за помладите, кои би требало да се угледаат на тоа што некој ќе им го говори на телевизија, таа - телевизијата и јас веќе немавме што да си кажеме. По ниедна цена нема да го прифатам тој компромис. Никогаш. Ова што денеска се емитува на нашите телевизиски програми за мене е срамно, отровно и многу страшно.
МАРИЛИ: Со оглед на Вашето големо телевизиско искуство и долгогодишно присуство на ТВ екраните, дали Ви недостасува медиумската работа, во смисла на водење програма во живо?
ТРАЈКОВСКА: Да, секако. Телевизијата е мојата прва, најголема и љубов за сите времиња! Понекогаш се чувствувам како таа љубов да ме напушти, не соопштувајќи ми ни зошто, ни како. Само се заврте во еден момент и си замина. Изневерена сум, без никаква причина. Јас и бев целосно верна, до последниот момент. Никогаш не ја излажав, никогаш не ја навредив, ниту со гест, ниту со збор. Но, таа реши да разголи едно свое сосема поинакво лице и да се продаде себе си за пари. Да се продаде за евтини политички кариери, за евтини новинарски кариери, за невкусни и брутални приказни! Мене ми е жал за неа, но што можам! Ми ја земаа од раце и ја обезвреднија, ја парчосаа и ја нагрдија. Речиси ништо не остана од нејзината раскошна убавина. И, се уште се обидувам да научам да живеам со тоа.
Ќе ја чекам да се врати, таква каква што беше тогаш кога се вљубивме една во друга.
МАРИЛИ: Покрај туристичките убавини Вие сте посветена и на уште една убавина – цвеќарството, имате сопствена продавница за цвеќе „Сончевина“ во која ја внесувате Вашата креативност. Од каде љубовта кон цвеќето, од кога постои цвеќарницата и дали досега стекна сопствена клиентела?
ТРАЈКОВСКА: Знаете како, човек сум кому убавината на живеењето, внатрешното задоволство, љубопитноста и играта со животот ми се единствените вистински патокази низ животот. Морам да правам нешто што ќе ми прави да се чувствувам среќна и исполнета. Кога би требала да седам во канцеларија, или кога би требало да правам каков било компромис поинаков од принципите на кои сум воспитувана, за мене тоа би било тегоба, која би ме правела несреќна. Неубава.
Со оглед на времето во кое живееме и со оглед на тоа пред каков морален и етички предизвик сите сме исправени, она што знам дека сакам, морам и нема никогаш да го продадам се вистинските вредности на животот. А, во ова време сега, речиси секаде треба да подметнете чест и чесност ако сакате да успеете. Мора да му се поклоните на овој, или на оној, или да му бакнете рака ако сакате да се вработите. Е, па јас така не сакав.
Затоа ја создадов мојата Цветна галерија „Сончевина“, која го има токму таквиот работен и животен простор во кој јас се чувствувам удобно, весело и среќно. Секое утро, едвај чекам да отидам во овој мој цветен простор. Едвај чекам да видам кој ќе ми дојде дента. Цвеќињата се дел и од најголемата радост на човекот, а истовремено и од најголемата тага. Во еден ден се случува да сум дел од нечиј најблескав момент од животот - некому му се родило дете, а истовремено да сум дел и од најглемата болка во животот - некој загубил близок свој. И во едното и во другото учествувам и сочувствувам со сето мое срце и душа. Всушност, тоа е животот. А јас уживам во животот, во сите негови слатко-горки вкусови.
Е, тоа е тоа што најмногу го сакам. Сакам да жонглирам со сите радости и убавини на животот истовремено. Не се плашам ако испуштам нешто. Продолжувам да вртам со тие нешта што ми се се уште во рацете. Кога ќе се изморам, седнувам за миг. Миг кој трае сосем кратко. Земам душа и продолжувам натаму во истиот ритам.
МАРИЛИ: Вие сте препознатливо ТВ лице во македонскиот медиумски простор веќе подолг период. Како долгогодишен телевизиски работник, дали сметате дека некој што има квалитет во себе ќе најде форма и начин да постигне успех и со други проекти, како што е Вашиот случај и како ги координирате сите професионални ангажмани?
ТРАЈКОВСКА: Да!, точно така, ако човек ја носи креативноста во себе, може да прави со неа што сака и се да изгледа блескаво. Но, тоа е дарба која мора да се оплеменува и облагородува постојано. Не можете безгранично да црпите од неа ако не ја храните и ако не ја негувате. А, најдрагоцената храна за неа е работата на самиот себе. Човек мора постојано да се грижи за сите драгоцености кои Бог, или родителите, или животот му ги подариле. Сите ние имаме и доблести и маани. Секој од нас е скроен по принципот на двојството. Секој човек има и добро и лошо во себе. Но, човек мора де се запознае себе си, да се прифати таков каков што е, да се засака себе си и постојано да си задава нови предизвици.
МАРИЛИ: Успешноста на жената е она што агенција „Марили“ постојано го третира, па би сакале да ни кажете што, според Вас, значи успешна жена?
ТРАЈКОВСКА: Ова се секогаш тешки прашања, бидејки станува збор за многу специфична категорија. Не само што она што е успех за мене, не мора да „важи“ за успех, туку, и она што до вчера за самата себе сум го сметала за успешност, во еден момент, околностите на животот ме довеле во ситуција да се запрашам дали навистина сум била успешна кога сум мислела дека сум. Е, сега прашање е кој ги создава тие околности. Дали ние луѓето, сами, со своето однесување и постапки, или, пак, независно од нас, некои работи просто сами по себе се случуваат. Понекогаш без наша волја. Сакале ние или не. Исто така може да сте успешна во својата работа, но да не сте како сопруга, или мајка. Или обратно, дома да сте успешна, а надвор не. И што е тоа успех конечно!? Всушност, мислам дека ретко кој човек, независно маж или жена е неуспешен. Мислам дека сите ние на некој свој начин сме успешни. Затоа што, тоа што го правиме во моментот е она што мислиме дека во тој момент е најдобро. И дека токму тоа не прави среќни. Ете тоа е успешност за мене, да го правиш она што мислиш дека е најдобро за тебе и за тие околу тебе и тоа да те прави среќна. Среќна жена е успешна жена! Тоа не значи дека кога е несреќна, не е успешна. Тоа само значи дека ја стасала некоја нова животна лекција преку која повторно ќе ја извојува сопствената среќа. И се така до крајот на животот. Бидејки, на крај само тоа се брои. Кој колку бил среќен. Ништо друго.
Статијата е прочитана 2447 пати.