Спроти Голема Богородица - македонска претпремиера на „Македонисимо“ со Симон Трпчески во струшното село Збажди

Македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески одлучи македонската претпремиера на својот проект „Македонисимо“ да ја изведе во живописното струшко село Збажди на планината Караорман, родното место на неговиот татко. Претпремиерата ќе се случи во автентичното природно опкружување, во предвечерието на празникот Голема Богородица, на 27 август од 17:30 часот.  

Покрај Трпчески, во тимот на „Македонисимо“ се: Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев на удиралки.

Трпчески и пријателите пред љубопитната публика ќе изведат прилагодена програма од албумот „Македонисимо“ што веќе го обиколи светот, проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов. 

Инаку, Симон Трпчески на 5 август ја заврши својата концертна сезона 2021/22 со концерт на светски познатата сцена „Театро Колон“ во Буенос Аирес. На своето деби пред аргентинската публика македонскиот пијанист заедно со Филхармонискиот оркестар на Буенос Аирес го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов.

А во последните 30-ина дена, Трпчески доби овации на уште три континенти, откако настапи во Хрватска, потоа во Јужна Кореја (каде на барање на воодушевената публика повторно ја изведе „Македонисимо“, како и во САД и Канада, каде што се случи северноамериканската премиера на „Македонисимо“.

 


Статијата е прочитана 378 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско