Грчка вечер со звуците на лира и театарска претстава „Балкан Бордело“ вечерва на „Охридско лето“

Традиционалната Грчка вечер на „Охридско лето“ вечерва од 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе го донесе триото „LEΣ LYRISTEΣ“ во состав Софија Каракута - вокал и тригином, Роза Фрагорапти - лира и Никос Ксантулис - лира варвитон.

Основниот елемент при формирањето на триото „LEΣ LYRISTEΣ“ е античката грчка лира со седум жици која е симбол на музиката во западно-европската традиција. Прекрасниот звук на лирата кој ги маѓепсувал античките филозофи е оживеан низ музицирањето на ова трио во комбинација со основниот човечки инструмент - гласот. На тој начин лирата го бара своето место на музичките сцени во денешното, модерно време.

Од основањето во 2020 година, овој ансамбл настапува на бројни концертни сцени во Грција и надвор од неа, на фестивали, едукативни програми, работилници, конференции, универзитетски проекти и на програми на радио. Нивниот прв албум со поезија на поетесата Сафо и музика создадена од д-р Никос Ксантулис набргу ќе биде објавен.

Во делот на драмскиот репертоар на феситвалот, пак, вечерва има одредни мали проени. Имено, поради најавите за неповолни временски услови, театарската претстава „Балкан Бордело“ од Јетон Незирај, во режија на Бљерта Незирај, која беше предвидено да се одржи во предворјето на црквата „Св. Софија“ од 22 часот, одлучено е да се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

Театарската  претстава „Балкан Бордело“ е трансатлантски театарски проект помеѓу САД, Косово и Србија, во соработка со Центар „Мултимедија“ – Приштина, Театар Ателје 212 – Белград и Мој Балкан – Белград/Њујорк.

„Балкан Бордело“ е сага за едно балканско семејство и се темели на Есхиловата трилогија „Орестија“. Претставата, покрај црниот хумор го обработува и балканскиот темперамент, ја следи морбидноста на човечката душа и ја осветлува глупоста и наивноста на еден период изграден на насилство, нетолеранција и омраза. Ликовите од претставата се препуштаат на судбината и речиси несвесно паѓаат во стапицата на незадоволството и уништувањето.

Улогите ги играат Светозар Цветковиќ, Марија Вицковиќ, Џорџ Дренс, Јуџин Д Пуџин, Валоа Микенс, Мати Барбер-Бокелман, Иван Михаиловиќ, Мет Насер, Верона Коџа, Адриан Морина. Костомографијата е на Габриел Бери, сценографијата ја изработи Марија Калабиќ, а кореограф на претставата е Ѓерѓ Превази.

 

 

 


Статијата е прочитана 276 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско