Американска вечер на „Охридско лето“ со виолинистот Шломо Минц

Еден од најдобрите виолинисти на денешницата, Шломо Минц вечерва ќе се претстави пред публиката на „Охридско лето“ во рамките на Американската вечер на фестивалот што се одржува со поддршка на Амбасадата на САД во земјава. Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Шломо Минц според колегите, публиката и критичарите е еден од најзначајните виолинисти на нашето време поради неговата исклучителна музикалност, стилска разновидност и беспрекорна техника.

Роден е во Москва, неговото семејство емигрирало во Израел кога тој имал само две години. Учел виолина со Илона Фехер која го запознава со Исак Штерн кој ќе стане негов ментор. Исто така студирал со Дороти Дилеј во Њујорк, а уште од млада возраст соработувал со големи ѕвезди како Исак Штерн, Мстислав Ростропович, Пинкас Цукерман, Итцак Перлман, Зубин Мехта, Клаудио Абадо, Рикардо Мути, Јури Темирканов, Ида Хендл и Иври Гитлис. Настапува со најдобрите светски оркестри во Берлин, Виена, Амстердам, Чикаго, Лос Анџелес, Филаделфија и Њујорк.

На 18-годишна возраст Минц започнува паралелна кариера како диригент. Тој е еден од основачите на мајсторскиот курс во Кешет Елион, каде бил еден од главните организатори повеќе од 18 години, а исто така е ко-основач и гласноговорник на проектот „Виолини на надеж“ кој се фокусира на реставрацијата и интернационални изложби на 45 инструменти кои им припаѓале на Евреи што ги загубиле животите во концентрационите логори во Втората светска војна.

Шломо Минц бил член на жири на некои од најзначајните натпревари за виолинисти како што се: „Чајковски“ во Москва, „Кралица Елизабета“ во Брисел, „Хенрик Виењавски“ во Познан. Добитник на бројни награди и признанија.  

 

 

 

 


Статијата е прочитана 285 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско