Струшки вечери на поезијата со над 25 странски поети
Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата ќе се одржи од 25 до 29 август. На овој реномиран светски фестивал кој од 1961 година го задржува континуитетот на одржување и ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот ќе гостуваат повеќе од 25 странски поети, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација. Свеченото отворање ќе биде на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, каде што ќе биде запален и фестивалскиот оган, а затворањето е со традиционалното читање на Мостот на поезијата.
Добитникот на Златниот венец, 91-годишниот јапонски поет Шунтаро Таникава нема да допатува во Струга поради својата возраст и здравствени ризици, па наградата, во негово име ќе ја прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист. Тој ќе има специјален музички настап во „Св. Софија“ во Охрид, инспириран од стиховите на Таникава.
Специјален гостин на годинашното издание е лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.
Програмата предвува меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, потоа вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети.
Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија, каде СВП е дел од 2014 година.
Струшките вечери на поезијата се одржуваат под мотото „РИТАМ НА СТИХОТ, РИТАМ НА ЖИВОТОТ“ со кое се потенцира исконската врска помеѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската помеѓу поезијата и музиката.
Програмата на фестивалот целосно ќе се пренесува во живо на официјалниот јутјуб канал на СВП.
Статијата е прочитана 267 пати.