ЕУ ја одложи мерката за наплаќање влез во Шенген зоната за жители на трети земји
Европската унија го одложи воведувањето на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ETIAS) за уште шест месеци до ноември 2023 година. Овој систем предвидуваше плаќање седум евра за влез на возрасни граѓани од трети земји во Шенген зоната.
Примената на овој систем првично требаше да стапи во сила во 2022 година, а потоа беше одложена за крајот на оваа година. Подоцна, датумот повторно беше преместен за 1 мај 2023 година, а сега пак е одложен за уште шест месеци, до 23 ноември 2023 година и тоа без претходна најава или наведени причини за таквиот потег.
„ ETIAS се очекува да биде оперативен во ноември 2023 година“, Комисијата на ЕУ ги ажурираше информациите на информативната страница во врска со ETIAS во рамките на Миграцијата и внатрешните работи.
Примената на овој систем практично наложува граѓани на возраст од 18 до 70 години кои во ЕУ ќе стигнат од странство да поднесат барање за престој во Шенген-зоната и да го платат. Овој услов ќе важи за сите британски и американски посетители, но и за нас, за Србија, Босна и Херцеговина и други земји.
Плаќањето ќе се врши онлајн на посебни интернет страници или апликации, со пополнување краток формулар онлајн и со прикачување скениран пасош. Надоместокот за ETIAS изнесува 7 евра. Самата процедура би требало да трае до четири недели, но кога дозволата ќе биде одобрена, истата ќе важи до три години и ќе овозможи посета на сите 26 земји членки на Шенген.
Инаку, Шенгенот опфаќа повеќе земји членки на ЕУ, но и земји како Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Статијата е прочитана 368 пати.