Вечерва на „Охридско лето“ концерт за флејта и пијано со Јанош Балинт и Владимир Милошевиќ

Во катедралната црква „Света Софија“ вечерва во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе настапат флејтистот Јанош Балинт од Унгарија и пијанистот Владимир Милошевиќ од Србија.

На концертот што ќе започме во 21 часот ќе бидат изведени дела од Доплер, Дворжак, Дебиси, Барток, Масне и Борне.

Роден во 1961 година во Унгарија, Јанош Балинт дипломира на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта во 1984 година. Добитник е на бројни награди на меѓународни натпревари. Основач е на институтот „Доплер“ во Унгарија, а во моментот предава на Високата школа за музика во Детмолд, Германија и е гостин-предавач на Академијата „Карел Шимановски“ во Катовице.  Како солист настапувал во скоро сите земји низ Европа, но и во САД, Јапонија, Тајван, Кореја и Израел во камерни формации. Има снимено преку 30 ЦД-а за „Хунгаротон“, „Капричо“ и „Наксос“.

Нeговиот широк репертоар за флејта вклучува преку 1000 композиции кои датираат од барокот па сé до современите дела за флејта, а некои од нив се напишани специјално за него. Во оваа бројка покрај делата за соло флејта, свое место имаат и концертите за флејта и оркестар, камерни композиции за флејта и пијано, гитара, харфа или глас. За да го прошири репертоарот уште повеќе, Балинт самиот компонира транскрипции за дела кои оригинално не се напишани за овој инструмент.

Владимир Милошевиќ важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот во Белград во класата на проф. Невена Поповиќ, а продолжил да се усовршува  во Италија кај Лазар Берман и Мишел Далберто. Од страна на менаџерската куќа New York Concert Artist and Associates е прогласен за „Ѕвезда во подем“ и овозможен му е настап со оркестар во „Меркин Хол“ во Њујорк. Настапувал во концертните сали во Париз, Лондон, Берлин, Прага, Виена, Тел Авив, Милано, Рим, Перуџа, Венеција, Ница, Лион и Вилнус. Како победник на Меѓународниот натпревар во Виченца, дебитира во „Карнеги Хол“ во Њујорк во 2005 година. Турнеите го водат во Јужна Африка, Бразил, Мароко  и Австралија каде настапува со рецитали и одржува семинари. Носител е на бројни награди и признанија од меѓународни натпревари во Франција, Полска, САД, Австралија и Италија.

 

 


Статијата е прочитана 298 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско