Ентузијазам и виртуозност на Француската вечер на „Охридско лето“

На традиционалната Француска вечер на „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ настапија младите уметници од гудачкиот квартет „Агат“ од Франција.

Како и на претходно одржаната Италијанска вечер, така и на Француската вечер поздравни говори имаа амбасадорите на Франција и на Италија во Република Северна Македонија, Сирил Бoмгартнер и Андреа Силвестри.

Амбасадорот Силвестри потенцира дека Франција и Италија се две сестрински нации што го споделуваат истото латинско наследство, јазици со сличен призвук, длабоки историски врски и испреплетеност на двете култури низ вековите.

„Во овој скапоцен храм на византиската уметност каква што е црквата ‘Света Софија’ секогаш останувам фасциниран од испреплетеноста и влијанијата со кои се хранеа нашите две култури во текот на вековите, во толку многу области како ликовната уметност, музиката, филмот, театарот, книжевноста... Бројни наши големи уметници меѓусебно се инспирирале и ќе ви дадам само еден пример: Караваџо (1571- 1610), тој брилјантен сликар со бурен живот му беше толкав извор на инспирација на Џорџ де ла Тур (1593 – 1652), големиот сликар од регионот Лорен во Франција, што честопати тој беше нарекуван француски Караваџо, а на тоа Андре Малро имаше кажано: “Караваџо и Ла Тур се интимно поврзани со нивната генијалност“, рече во своето поздравно обраќање амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри.

Францускиот амбасадор Сирил Бoмгартнер дополни дека француско-италијанската врска отсекогаш била убава, суптилна и комплексна.

„Благодарение на таа врска понекогаш и се надминуваа некои недоразбирања, овие две латински сестри, или, пак, латински братучетки како што милуваше да каже генералот де Гол, секогаш знаеја да го најдат патот на меѓусебното разбирање, нешто што во многу погледи може да послужи како пример, убеден сум во тоа“, рече Бoмгартнер.

Извонредниот квартет „Агат“ е составен од виолинистите Адриен Јурковиќ и Тома Декан, виолистот Рафаел Пањон и виолончелистот Симон Лашме. Сите се по потекло од југот на Франција и сите ја споделуваат истата страст за градот Берлин каде што најдоа погодна средина што ја стимулира нивната креативност.

Младите и брилјантни музичари првпат настапуваат во Македонија, а негуваат ист ентузијазам, разновидни искуства и настапи, од камерна музика до големи филхармониски ансамбли.

 


Статијата е прочитана 282 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско