Четири италијански тенори ќе го отворат „Охридско лето“ на 12 јули
Четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од оркестарот на Националната опера и балет ќе го отворат 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. Свеченото отоворање традиционално е на 12 јули на Античкиот театар во Охрид во 21 часот. Повеќе од 1.000 уметници од 25 земји од 12 јули до 20 август ќе бидат дел од годинашната исклучително богата музичка и драмска програма на овој меѓународно признат и ценет фестивал кој ја става нашата држава на светската мапа на реномирани уметнички настани.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ најавува дека врвни светски и докажани уметници годинава ќе испишат уште едно успешно фестивалско издание.
„На годинешното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август на фестивалските сцени ќе пречекаме над 1.000 уметници од 25 земји“, најави Поповиќ.
Таа потенцира дека најреномираната манифестација со интернационален предзнак, што е дел од Европската асоцијација на фестивали не може да се гради и надградува ако ја нема поддршката од претседателот на државата кој е покровител на манифестацијата, од Владата на Република Северна Македонија преку ресорното Министерство за култура, Општината Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком, како и од останатите бројни спонзори и помагатели.
По грандиозното отворање со четирите италијански тенори, музичкиот дел на фестивалот ќе понуди богата програма со врвни и докажани уметници.
Новата селекторка на музичката програма на „Охридско лето“, Бисера Чадловска издвојува неколку настани кои годинава ќе ѝ понудат на публиката прекрасно музичко доживување.
„Годинава ќе настапи камерниот оркестар ‘Профундис’, еден од поновите македонски состави за камерно музицирање и кој бележи неколку успешни концерти со виртуозни програми. Би го издвоила настапот на Стефан Миленковиќ, одлично познат на македонската публика, врвен светски виолинист кој нема потреба посебно да го претставувам. Неговите настапи на фестивалот се речиси традиција и секогаш предизвикуваат еуфорија кај публиката. На роденденот на ‘Охридско лето’ ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот ‘Луксурија’, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци“, вели селекторката Чадловска, најавувајќи дел од обемната програма што годинава ќе биде на фестивалскиот музички репертоар.
Богатата драмска програма на годинешното 62. „Охридско лето“ ќе ја предводат њујоршката „Ла Мама“ со копродуциската „Балкан Бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“, како и шест исклучителни домашни претстави во изведба на Македонскиот народен театар, Драмски театар Скопје, Турски театар Скопје, Народен театар Битола и Народен театар Охрид.
„Со селектираната театарска програма настојувавме на актуелност во темите, на различни сценски форми, на промоција на нови модерни драми, на ново и современо читање на веќе познатите драмски и книжевни дела, на претстави кои ќе успеат да го погалат или да му удрат шлаканица на гледачот и во никој случај да не го остават рамнодушен“, смета селекторката на драмската програма на фестивалот, Сања Арсовска.
Историјата на „Охридско лето“, од првиот одржан концерт на истакнатата, сега покојна вокална уметница Ана Липша - Тофовиќ во далечната 1961 година до денес претставува значаен момент од културното живеење не само во Македонија, туку и пошироко во регионот.
Статијата е прочитана 368 пати.