ММФ: „Од суштинска важност е да се зачува независноста на Народната банка“

ММФ очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но смета дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето.

Со оглед на клучното значење на капацитетот на Нрадона банка на Република Северна Македонија да презема навремени супервизорски активности за да ја обезбеди стабилноста на финансискиот систем, од суштинска важност е да се зачува независноста на НБРСМ. Ова ќе ѝ овозможи на централната банка и понатаму да ги остварува своите задачи за одржување на ценовната стабилност и за заштита на финансиската стабилност коишто се круцијални предуслови за одржлив раст.

Ова го истакна шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Баркбу во изјавата по годишните редовни состаноци што се одржаа видеоконференциски во периодот од 9 до 18 ноември. На состаноците се разгледаа најновите случувања во економскиот и во финансискиот сектор, како и економските изгледи.

„Релаксираната монетарна политика е соодветна и НБРСМ е подготвена да дејствува соодветно за да го заштити де-факто фиксниот курс на денарот“, оценува Баркбу.

Во изјавата, меѓу другото, таа истакнува и дека според оценките на мисијата на ММФ, вкупниот банкарски систем и понатаму е добро капитализиран и профитабилен.

„Од голема важност е да се одржат строги правила за класификација на кредитната изложеност и за издвојување резервации за кредитите, со цел да се осигура дека банките имаат доволно резерви за покривање на потенцијалните загуби. Банките би требало да се охрабрат да се воздржат од дискреционо исплаќање дивиденди и од откуп на сопствени акции“, порачува шефицата на ММФ.

Во согласност со ваквите видувања се и препораките и активностите што НБРСМ како регулатор ги презеде во изминатиот период. Инаку, во изјавата е истакната и оценката на мисијата на ММФ дека навремените мерки преземени од НБРСМ и од Владата одиграа суштинска улога во ублажувањето на економското и социјалното влијание на пандемијата.

Од мисијата на ММФ истакнуваат дека се очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето. Истовремено е нагласено дека надминувањето на здравствената криза и понатаму е врвен приоритет и дека ќе биде од суштинско значење за заштитата на луѓето и економијата.

Според оценките на мисијата на ММФ соопштени во изјавата на Баркбу, потребно е и натаму да се одржува релаксирана монетарна политика сѐ додека процесот на закрепнување е во тек. Истовремено е напоменато дека издвојувањето на соодветни резервации за потенцијални загуби на банките останува од клучно значење. Во согласност со тоа се и оценките и препораките на НБРСМ.

Во периодот од 9 до 18 ноември, мисијата на ММФ предводена од Берглјот Баркбу одржа и низа состаноци со експертските тимови на НБРСМ, како и завршен состанок со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и севкупното раководство на НБРСМ.

 


Статијата е прочитана 920 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско