„Слободен пад“ – книга првенец на новинарката Весна Јанкулоска

Пред 10-ина дена излезе од печат книгата „Слободен пад“ на новинарката Весна Јанкулоска, која , како што вели, за својот 60. роденден се почести самата себе си, но и својата публика со своето првенче. Книгата претставува збир од 80 раскази инспирирани од секојдневието исполнето со различни предизвици, каде реалноста е таква каква што е, препуштена сама на себе во „слободен пад“ и ништо не се менува.  

 

Ми наближува 60-иот роденден. Го гледам календарот. Треба нешто да организирам, ама коронава уште не ни дозволува групно собирање. Нема големо задоволство кога треба да се плашиме еден од друг. Навистина не сакав настанот да биде измачување за некого. Се задржав на зборот - задоволство. Како можам една форма на задоволство да ја сменам и да биде поинакво задоволство? И така мислите го земаа својот тек.

Во меѓувреме ги собирам листовите хартија со започнати приказни. Насекаде се. Ги читам. Се сеќавам. Седам во клупа, прво одделение. Под силно неонско светло учителката ни чита книга. Целосно се внесов во магичните зборови што ја имаа моќта да создаваат нови светови. И се сеќавам, токму тогаш си помислив - јас ќе бидам писател! 

Но, станав новинар. Веќе 30 години се зад мене. Вљубеник во својата професија. Луѓе, настани, зборови, етер, креативност, пријателства, адреналин, предизвик - се во едно. Накусо - професионално исполнета.

Повторно ги гледам листовите. А вирусов уште трае. Неговите ограничувања ми отворија нови неограничени простори, или подзаборавени желби. И почнав да го барам својот писателски глас. Овој пат не пред микрофон. Си поставив нов предизвик - да го реализирам она што малото дете веќе знаело што ќе биде. За својот роденден. Ќе го прославам со издавање на приказните и наместо подароци - јас ќе дарувам. Потоа, беше се лесно!

Осумдесет и неколку кратки приказни, автентични, реалистични, пивки кои втурнуваат во емотивни длабочини, потсетување на она што вистински сме, или, како што една моја колешка ја дефинира книгата - се чита за половина час, а потоа започнуваш повторно да ја читаш.

Слободен пад е кога си дозволуваш да излезеш од конфорната зона за да можеш да ги забележиш сите оние скриени нешта кои поминуваат покрај нас незабележани. Кога секојдневието е, всушност несекојдневно и кога случките, како пепрутки во лет, низ детски очи, ги ловиш за да бидат дел од магичноста наречена - живот.

 


Статијата е прочитана 565 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско