Најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2022

Најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2022 година. Одлуката беше соопштена вчера на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП беше одбележан и 21 март – Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети-членови на Македонскиот П.Е.Н. Центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 29 август.

„Дали само јас чувствувам некаква самотија штом добијам награда или одликување? Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и заедно со радоста и гордоста што ги чувствувам, бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Но, кога се присетувам на покојниот Макото Оока, мој близок пријател и добитникот на ‘Златен венец’ во 1996 година, самотијата ми исчезнува и неа ја заменува љубовта кон моите колеги поети и кон оние што копнеат да станат поети. И, иако живееме во различни времиња, во различни околности и со различни мајчини јазици во оваа немирна доба на нашата ранлива Земја, оваа љубов постојано расте…“, рече во поздравното обраќање до македонската јавност Шантаро Таникава, по повод наградата „Златен венец“.

Таникава (роден во 1931 година во Токио, како единствен син на филозофот Тецузо Таникава) и најзначаен жив јапонски поет, е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот и најиновативниот поет од Јапонија. Неговите дела се преведени на многу јазици во светот. Тој е автор на 80 поетски збирки за кои има добиено бројни книжевни признанија, не само во Јапонија туку и во странство. Неговите песни се појавуваат не само во угледни книжевни списанија туку и во школските учебници и мас-медиумите. Шунтаро е автор и на бројни драмски текстови, филмски сценарија, тој е есеист, преведувач, автор на литература за деца… Добитник е на низа престижни награди, а неговото име се споменува и како еден од можните кандидати за добитник на Нобеловата награда за литература.

Добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2022 година, награда за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор (под 35 години), што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКO, е италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

Наградата „Мостови на Струга“, пак, што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКO, годинава му припадна на италијанскиот поет Џерардо Мазучо (1991). Наградата се доделува за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор (под 35 години). Неговата прва книга е „Дотука живееше човек“, која се стекнува со критички и комерцијален успех на национално ниво. Тој е добитник на најважната италијанска награда за поетски дебитанти – 32. издание на „Премио Камаиоре“, како и 61. издание на „Премио Сан Доменикино“ за најдобро поетско издание на годината.

 


Статијата е прочитана 508 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско