„Денот на црвот“ од Симона Јованоска ја доби наградата „Роман на годината“
Романот „Денот на црвот“ од Симона Јовановска ја доби наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е издаден во 2021 година од страна на издавачката куќа „Или-или“, во едицијата „ПроАза“.
Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар каде завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2021 го издава својот прв роман, „Денот на црвот“.
„Денот на црвот“ е втора книга на Јованоска, во 2015 година дебитирала со книгата раскази „Ги најдов во длабокото“. За својот прв роман таа вели дека го напишала во исклучително специфичен период за неа.
„Многу сум среќна и возбудена и нема да кријам, многу ја сакав оваа награда. Романот го пишував во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата и потоа го добив второто дете. Се најдов затворена дома и најдов начин да си помогнам себеси и да ги канализирам новонастанатата ситуација и моите мисли. Мило ми е што од еден така тежок период за мене излезе една ваква мала голема победа“, изјави Јованоска.
За наградата „Роман на годината“ оваа година се натпреваруваа 39 романи, а во најтесниот круг влегоа четири: „Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска („Арс Либрис“) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“). За победникот одлучуваше жири-комисијата во состав: Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.
Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Статијата е прочитана 438 пати.