Раст на цената на нафтата по рускиот напад на Украина

Рускиот напад на Украина денеска предизвика големи поместувања на светските пазари и доведе до раст на цените на нафтата, природниот гас, златото, но и на вредноста на доларот во однос на другите светски валути.

Цената на нафтата се зголемила на речиси 102 долари за барел, првпат од септември 2014 година, а на максимум е и цената на суровата американска нафта која изнесува 97,40 долари. Раст има и на цената на природниот гас за 4,7 отсто, како и на цената на златото.

Европските берзи, пак, доживеле колапс по отварањето. Европскиот референтен индекс паднал за 3,48 отсто, додека индексот на Московската берза за над 30 проценти.

Руската Централна банка морала да интервенира поради намалената вредност на рубљата, која го достигнала минимумот во однос на доларот и еврото од 2014 година. Сите трговски активности на Московската берза привремено биле запрени утрово, а по повторното отворање на Берзата во 10 часот по московско време, вредноста на американската валута се зголемила за 86 рубљи за долар, додека, пак, руската валута во однос на еврото се намалила за повеќе од 11 отсто, па сега за едно евро може да се добијат 99,99 рубљи.

И вредноста на биткоинот рано утринава паднала под 35.000 долари. Според CoinMarketCap, биткоинот вредел 34.969 долари, што е за 8 проценти помалку од претходниот ден, пренесува CNN.

 


Статијата е прочитана 321 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско