Шест македонски винарници на саемот „Продекспо 2022“ во Москва

Национален штанд на Република Северна Македонија на најголемата саемска манифестација од овој вид во Руската Федерација и во Југоисточна Европа

Шест макеоднски винарници се присутни на Националниот штанд на Република Северна Македонија на Меѓународниот саем за храна, пијалоци и суровини за прехранбената индустрија „Продекспо 2022“ во Москва. Најголемата саемска манифестација од овој вид во Руската Федерација и во Југоисточна Европа e отворена во изложбено-саемскиот „Експо-центар“ и ќе трае до 11 февруари.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија. Ова е девето учество на македонски компании на овој исклучителен деловен настан, а годинава на него се презентираат ВВ „Тиквеш“, „Стоби“, „Далвина“, „Мовино“, „Езимит“ и ММ „Интернејшенл“.

По отворањето на саемот македонскиот Национален штанд го посети вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Н.Е. Оливера Чаушевска -Димовска.

„И покрај сложената здраствена и политичка криза во овој дел на светот, деловните луѓе од македонските компании од винскиот сектор допатуваа во Москва во потрага по нови деловни партнери и покажуваат дека нашите бизнисмени ја мапираат Руската Федерација како значаен пазар за зголемување на извозот. Минатата година, заради пандемијата оваа саемска манифестација помина без македонски претставници, но ние не сакаме подолго да го изгубиме континуитетот на учеството на ‘Продекспо’. Неговото значење за македонските компании може да се илустрира со трендот на зголемување на количините на продадено вино во Руската Федерација. Во 2021 година на овој пазар винарниците продадоа два милиони вино во шишиња, додека оваа година таа бројка се очекува да се зголеми. Најголем извозник на флаширано вино во Русија е винарницата ‘Стоби’. Можностите се на дофат на компаниите и сигурни сме дека ќе ги искористат, бидејќи оваа саемска манифестација е идеална за склучување извозни деловни зделки“, истакна м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

За можностите зборуваат бројките според кои во „Експо центарот“ во Москва на „Продекспо 2022“ своите производи ги изложуваат 30 индустриски сектори буквално од сите сегменти од производството на храна. Изложуваат 2.660 компании од 73 земји од светот. Овде може да се види најголемиот излог на алкохолни пијалоци и вина од повеќе од 30 земји.

Се очекува низ халите на „Експо центарот“ да поминат 68.600 посетители од 115 земји и претставници на повеќе од 120 меѓународни и руски трговски синџири. „Продекспо 2020“ ги собира на едно место трговците -  увозници од федерално и локално ниво кои се стратешки партнери на прехранбената и на индустријата на пијалоци во Русија и Евроазиската унија, како и претставниците на ХоРеКа секторот - хотели, ресторани, кафулиња и барови. Затоа и е огромен бројот на договори склучени врз основа на деловните контакти кои се воспоставуваат на штандовите во московскиот „Експо центар“. За време на саемските денови ќе се одржат и бројни тематски конференции на кои свое учество ќе земат и македонските деловни луѓе и Македонско-руската стопанска комора.

„За 11 месеци од минатата година македонскиот извоз во Руската Федерација ја достигна бројката од близу 53 милиони САД долари. Меѓутоа, истовремено за овој период нашиот увоз од оваа земја е речиси три пати поголем од извозот и изнесува 151,8 милиони САД долари.Тоа значи дека со Руската Федерација имаме трговски дефицит во висина од 98,8 милиони долари. Од тие причини македонските компании мора да го зголемат извозот за да се движиме кон врамнотежување на размената со оваа земја“, констатира Бешлиев.

 


Статијата е прочитана 958 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско