Ретроспективна изложба на скулптури во дрво по повод 50 години континуирано творештво на Интернационалното студио за пластика во дрво
Изложбата која ќе биде отворена вечерва во 19 часот во големиот салон во НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп е во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп
Вечерва со почеток во 19 часот во големиот салон во НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп ќе биде отворена ретроспективна изложба на скулптури во дрво изработени во текот на 50 години континуирано ликовно творештво во „Интернационалното студио за пластика во дрво“ во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.
Нашиот град веќе 64 години по ред ја негува ликовната уметност преку Уметничкото лето и Интернационалните ликовни работилници во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп. Во текот на овие 64 години континуирано ликовно творење, со гордост можеме да кажеме дека Прилеп има една поголема збирка ликовни дела изработени во различни техники и материјали.
Последните години, почнувајќи од 2017 година и јубилејот „60 години ликовно творештво ЦСЛУ-Прилеп“ посветен на 60 години континуирано сликарско творештво во Интернационалната сликарска колонија, јубилеите се редат еден по еден. Во 2018 година ЦСЛУ-Прилеп со гордост го прославува јубилејот „55 години Интернационален скулпторски симпозиум Мермер“, а во 2019 година од големо значење за нив беше и одбележувањето на јубилејот „35 години Интернационално атеље за скулптура во метал“. Веќе во 2020 година успешно беше одбележан и јубилејот 40 години ЦСЛУ-Прилеп (официјалното отпочнување со работа на ЦСЛУ-Прилеп и реорганизацијата и спојувањето на сите ликовни студија под една организација), за оваа година достоинствено да биде одбележан и јубилејот „50 години Интернационално студио за пластика во дрво“.
ЦСЛУ-Прилеп во континуитет секоја година прави одличен избор на уметници од домашната, но и од меѓународната уметничка сцена од кои дел се познати и во светски рамки. ЦСЛУ-Прилеп континуирано потврдува дека поседува квалитет, компетентност и традиција да носи големи имиња/автори.
Индивидуалната нишка на нашето постоење се крие во она што ќе го оставиме позади нас. Богатството кое Прилеп го добива секоја година преку ликовните изрази е наследство кое го оставаме на нашите идни генерации.
Статијата е прочитана 699 пати.