Мерсиха Шукри со концерт во Филхармонија ќе одбележи 20 години творење

 

Нашата најпозната харфистка, Мерсиха Шукри вечер со концерт во Филхармонија ќе одбележи 20 години творење. На програмата ќе бидат изведени композиции од Дуранд, Дусек, Глинка и Хенсон, а како гости ќе настапат нејзините колеги Елена Талевска на виолина и Паскал Краповски на виолончело.

М-р Мерсиха Шукри е родена во Скопје и е првиот дипломиран харфист во Македонија. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Лејла Урманова од Русија, додека магистерски студии завршила во Белград во класите на проф. Милица Бариќ и проф. Љиљана Несторовска и е исто така прв магистер по харфа во земјава.

Како харфист има остварено бројни солистички концерти на Скопско лето, Хераклејски вечери, Денови на франкофонија, Битолско лето, Есенски музички свечености. Настапувала како солист со Мандолинскиот оркестар „Скопје“ и со гудачкиот камерен ансамбл „Арко“. Освен во Македонија имала концерти и во Србија, Словенија, Косово, Франција, Унгарија, Холандија, Израел, Хрватска. Во 2013 година го издала своето прво ЦД со музика за соло харфа „Звуците на харфата“ кое е и прво ЦД со музика за соло харфа во Македонија воопшто.

Мерсиха Шукри е добитник на повеќе републички и меѓународни награди како солист и како камерен музичар.


Статијата е прочитана 622 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско