Ретроспективна изложба на Васко Ташковски во Даут-пашин амам

На 21 октомври 2021 година во 20 часот во Даут-пашин амам ќе биде отворена ретроспективна изложба на академик Васко Ташковски. На изложбата ќе бидат претставени слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на овој водечки претставник на надреализмот, на фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.

Според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство кое е класично според својата пластична структура, а воедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета.

За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја говори податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“ / “Painters of fantasy (from Hieronimus Bosch to Salvador Dali)“, од 1974 година, во издание на Phaidon, а по избор на Вилијам Гаунт.

Сликарската визија на Васко Ташковски се фокусира на човековите излети во космосот, мечтаењата и визијата, бегството од невротичното време во замислени тродимензионални пејзажи најчесто со широк отворен хоризонт со небо и земја во позадината, додека во прв план се поставени структури налик на урнатини, стари храмови, лебдечки егзотични вегетациски оази, во комбинација со биолошко-техницизирани механички структури.

Влијанијата и рефлексиите од надреализмот и фантастиката авторот ги трансформира во негов автохтон јазик со специфични елементи презентирани преку повеќе ликовни дисциплини: сликарство, акварел и цртеж, со импресивна бројка на дела: околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици. Ташковски има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Награда на СУБНОР „4 Јули“, Белград (1977), Октомвриска награда на СР Македонија, Скопје (1978), Медал на трудот од Претседателството на СФРЈ. Белград (1980) и др. Во 1994 година станува дописен член во МАНУ.


Статијата е прочитана 689 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско