„Бата прес“ ја објави детската книга „Кутија“ од Константинос Пацарос

Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата за деца „Кутија“ од познатиот грчки автор Константинос Пацарос. Делото го преведе Емилија Мајсторова-Стојановска. Прекрасната сликовница е објавена со поддршка на Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Ова е првата од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ќе ги објави оваа и наредната година во рамки на проектот „Отворени книги – отворени граници“.

„... Кога дојде Рашид во училиштето, животот ми се смени на подобро. Конечно добив другар, едно дете на моја возраст, кое во клупата седи до мене и ги споделува своите мисли и чувства со мене. Подоцна ме научи како подобро да играм одбрана во кошарка и илјада и една друга работа. Но, најважно беше што сфатив дека, доколку имаш барем еден добар другар, животот на училиште ќе ти биде супер. Па ако уште ти зборува Марија, што многу често се случува во последно време, станува сон од кој не сакаш да се разбудиш...“

Ова е само еден цитат од прекрасната илустрирана сторија на Константинос Пацарос, што сведочи за тоа како грчкото училиште ги зближува децата на економски и други мигранти од различна раса и поднебје.

Авторот Пацарос живее во Атина и работи како воспитувач. „Кутија“ е негова прва книга. За ова дело во 2014 година ја има добиено државната награда за литература за деца. Книгата на грчки ја објави во соработка со познатиот илустратор Василис Гривас.

 


Статијата е прочитана 739 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско