Финскиот кинематографер Јани-Петери Паси добитник на „Златна Камера 300“

Кинематограферот од Финска Јани-Петери Паси е годинашниот добитник на „Златна Камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Во конкуренција од 10 филмови Паси ја доби наградата за филмот „Купе број 6“. Наградата, како што рече претседателот на фестивалското жири, Суки Меденчевиќ му е доделена едногласно заради „деликатниот и осетлив начин на кој камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот Север“.

Паси е двоен лауреат на „Браќа Манаки“. Тој наградата „Златна Камера 300“ ја доби прв пат во 2016 и сега во 2021 година.

„Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите. Се надевам ќе се видиме следната година“, рече Паси кој се обрати преку видеопорака на свечената церемонија во Битола.

„Сребрена Камера 300“ освои данскиот кинематографер Каспер Туксен за деликатната камера во филмот „Најлошата личност на светот“, „Бронзената Камера 300“ ја доби белгискиот кинематографер Рубен Импенс за бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил во филмот „Титаниум“, годинашниот победник на Канскиот фестивал, додека добитник на наградата „Мала Камера 300“ за краток филм е Жоана Силва за „Низ маглата“.

„И покрај се, успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна до розов хепиенд. Искрено би сакал да ви заблагодарам вам за тоа. Зашто, се чини дека токму со доаѓањето во вашето и наше пристаниште Битола, како да запреа сите бури кои дотогаш жестоко ни се закануваа и му се закануваа на нашиот фестивалски брод“, рече на завршната церемонија на 42.издание на ИФФК „Браќа Манаки“, директорот Мони Дамевски.


Статијата е прочитана 685 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско