Промовирана книгата „Скопски разговори“ од Свето Стаменов и Милан Јазбец
Во чест на 30-годишнината од независноста на Северна Македонија и на Словенија во Домот на културата „Илинден“ во истоимената населба беше промовирана книгата „Скопски разговори“ на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио - Радио Скопје и проф. д-р Милан Јазбец, поранешен амбасадор на Словенија во нашата земја, универзитетски професор, писател и поет.
Книгата „Скопски разговори“ претставува своевидна збирка од 20 радио-интервјуа реализирани во рамките на редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио - Радио Скопје од март 2018 до август 2020 година, еден од несомнено најинтензивните периоди во македонската внатрешна и надворешна политика исполнет со многу предизвици и искушенија како на внатрешно – политички, така и на меѓународен план. Тоа е периодот на забрзано отворање кон светот и на интензивирање на македонските евроатлантски интегративни процеси, кои во март 2020 година резултираа со полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО. Амбасадорот Јазбец не само што беше непосреден сведок, туку и активен учесник во некои од тие историски процеси.
Дел од интервјуата се посветени и на литературното творештво на Јазбец и на неговата активност како промотор на културната дипломатија и на развојот на македонско - словенечките културни врски, за што најдобро говорат престижното почесно Рациново признание за афирмација на македонската култура и јазик во странство за 2019 година и македонските изданија на неговите дела „Мартин Крпан – дипломат и воин“, „Виножитото над душата“ и „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“.
Покрај тоа, неговите скопски години беа одбележани и со голем број културни настани во кои тој беше активен учесник, но и со многу авторски текстови и есеи. Токму затоа и вториот дел на „Скопски разговори“ е посветен на неговите скопски есеи, во кои доминираат есеите за првата македонска поетеса Даница Ручигај, за уметниците Јоже Циуха и Мице Јанкуловски и за великанот на современата македонска култура Блаже Конески.
Промотори на „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и проф. д-р Милан Јазбец се проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор, министер за одбрана во првата Влада на независна и суверена Република Македонија и актуелен член на Советот за безбедност, Раде Силјан, поет, есеист, критичар и преведувач и Зоран Иванов, новинар и публицист.
Статијата е прочитана 714 пати.