„Браќа Манаки“ почнува на 16 септември, за прв пат под отворено небо

Со премиерата на македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума на 16 септември ѓе биде отворен Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот годинава нема да се одржува во Центарот за култура, туку за прв пат ќе биде организиран под отворено небо, во дворот на Завод и музеј Битола. Ваквите промени се направени од безбедносни причини поради пандемијата, поради што и бројот на гости ќе биде намален на 250. Сепак, и покрај промената на локацијата, ќе има црвен килим пред влезот на Заводот.

Во главна конкуренција ќе бидат 10 долгометражни и уште толку краткометражни филмови. Меѓу нив два македонски филма: „Сестри“ кој ќе го отвори Фестивалот и ќе се натпреварува и во официјалната конкуренција за долгометражен филм, а меѓу краткометражните е „Северен пол“ на битолчанаката Марија Апчевска, кој ќе се емитува на затворањето.

„Нашата цел е Битола да ја направиме позната во светот преку овој фестивал. Имаме извонредно жири и одлични филмови“, истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски и најави познати гости од филмската сцена во Европа и светот.
Организаторите потенцираат дека во текот на сите шест фестивалски денови строго ќе се почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19, па на затворените проекции и на свеченото отворање ќе може да се влезе само со сертификат за вакцинација или прележан Ковид-19 не постар од 45 дена.

Директорот Дамевски рече дека „Браќа Манаки“ треба да ѝ се врати на Битола, односно битолчани да се вклучат во голем дел од организацијата.

„По една година отсуство Фестивалот го имаме оти беше воден од три соништа. Првиот, на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), кое сметаше дека мора да го има, не може две години со ред да не го правиме. Во подготовките проживеавме неколку филмски жанрови од акциони, до трилери, комедии. Вториот сон дека Фестивалот треба да ѝ се врати на Битола, односно Битола да биде вклучена многу посериозно во реализацијата на овој фестивал, па ја имаме најбогатата офф-програма. Третиот сон е групата ентузијасти кои го организираат Фестивалот “, рече Дамевски.

За содржината на Фестивалот говореше селекторот Слаѓан Пенев.

„Овој фестивал е светски и без америнкански филм. Имаме два азиски филма добитници на награди по фестивалите, еден африкански, седум европски, од нив три од поблискиот регион, покрај ‘Сестри’, од Србија добитникот на Кристалниот глобус во Карлови Вари – ‘Бановиќ Страхиња’, или ‘До каде што можам да одам’, една хуманистичка бегалска драма, како и филмот ‘Мурина’ од Хрватска, добитник на Златната камера во Кан“, истакна Пенев.

Покрај лауреатот Кристијан Бегер кој во Битола ќе дојде со сопругата и ќерката, ќе има уште еден добитник на животно признание, но директорот Дамевски не откри кој, поради претпазливост да не се сменат плановите. 

 

 


Статијата е прочитана 707 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско