„Европа Лек Фарма“ е лидер во фармацевтските услуги што им ги нуди на домашните и на странските реномирани партнери
Интервју со м-р Мара Акимовска, менаџер за продажба и маркетинг во „Европа Лек Фарма“ („ELPharma“) во кое објаснува што претставува „ЕЛ Фарма“ како дел од германската групација PHOENIX во фармацевтскиот бизнис на европскиот пазар, зборува за активностите кои се преземаат во делот на маркетинг, регистрација на лекови, медицински средства, додатоци во исхраната и медицинска козметика, предвеледрогериско работење, логистика на клинички испитувања и дистрибуција, но и за одлуката компанијата да се сврти кон дигиталниот маркетинг и онлајн-продажбата што беше наметната од ковид-кризата
МАРИЛИ: Што претставува компанијата „ЕЛ Фарма“ во фармацевтскиот бизнис на европскиот пазар и кои се нејзините главни одлики?
АКИМОВСКА: Европа Лек Фарма, или скратено „ЕЛ Фарма“, е дел од германската групација PHOENIX, која е водечки давател на фармацевтски и здравствени услуги во Европа со оригинално географско покритие и застапеност во 27 земји и со околу 39.000 вработени во Европа. Водејќи се од визијата да дадеме сеопфатна фармацевтска и здравствена услуга, додадена вредност за нив, навреме и насекаде, нашето работење е поделено во три сегменти, големопродажба, малопродажба и фармацевтски услуги. „Европа Лек Фарма“ е лидер во делот на фармацевтски услуги што им ги нудиме/даваме на нашите домашни и странски реномирани партнери, како што се P&G Health, RICHTER GEDEON, GLOBIFER, ERBAVITA, HEMOFARM STADA, URIAGE, MEDIC PROGRESS, кои опфаќаат активности во делот на маркетинг, регистрација на лекови, медицински средства, додатоци во исхраната и медицинска козметика, предвеледрогериско работење, логистика на клинички испитувања и дистрибуција. Како компанија во нашето секојдневно работење се стремиме кон врвен квалитет на нашите услуги и насочени сме кон потребите на клиентите.
МАРИЛИ: Како „ЕЛ Фарма“ се приспособи на условите наметнати од актуелната криза со Ковид-19 за да опстане, но и да го продолжи развојот?
АКИМОВСКА: Ние сме компанија со интегритет што работи во целосна усогласеност со важечката регулатива, па така уште од самиот почеток на кризата веднаш презедовме мерки за следење на насоките и имплементирање на препораките што доаѓаат од Владата и од ресорното Министерство. Имајќи ја предвид важната улога што ја имаме во здравствениот систем и фактот дека во вакви моменти треба да ја дадеме нашата целосна поддршка, ние во ниеден момент не застанавме со работа, само се приспособивме на новите услови. Уште од самиот почеток на вработените им мериме телесна температрура, редовно ги дезинфицираме работните простории, изготвивме упатства за користење на зедничкиот простор, поставивме ознаки за придржување до мерките. Работниот процес го организиравме со ротации и работа од дома таму каде што природата на работата го дозволува тоа.
Колегите, пак, кои мора да бидат физички присутни на работа ги поделивме во групи, а работното време го организиравме на начин да не се сретнуваат едни со други. Секторот маркетинг, во кој и јас работам, е поле во кое контактите со луѓе се од круцијално значење за успех во работењето, а со кризата сето тоа се сведе на минимум, па сѐ се пренесе на видеоконференциски врски, организиравме онлајн-состаноци, обуки, работилници, вебинари и со задоволство можам да кажам дека ги остваривме поставените таргети.
МАРИЛИ: Вие сте менаџер за продажба и за маркетинг. Кажете ни колку е важна поврзаноста на овие сектори, особено во услови на криза? Кој е Вашиот став за тоа колку и како треба да се негува маркетингот во кризни услови?
АКИМОВСКА: Маркетинг и продажба се два значајни сектора чиј удел е клучен во успехот на секоја компанија. Во сите стабилни компании овие два сектора се одлично порамнети и заеднички се движат во насока на генерирање позитивен резултат. Ние како компанија ја препознаваме суштинската поврзаност помеѓу овие два процеса и затоа кај нас се поврзани како еден, односно еден ист тим е одговорен и за маркетинг и за продажба бидејќи целта е иста. Процесите во маркетинг се однесуваат на креирање содржина, свесност за производите и услугите што се нудат, тие се еден вид претходник и логистика на процесите во продажба, каде што зделките се финализираат. Класичните маркетинг активности, како што се промоции, презентации, face to face посети со здравствените работници, учество на конгреси, симпозиуми и акредитирани предавања, не бевме во можност да ги реализираме. Затоа се свртивме и им се посветивме на дигиталниот маркетинг и онлајн-продажбата и сметам дека на тоа поле и натаму треба да се вложуваат енергија и поголеми инвестирања.
МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?
АКИМОВСКА: Секако дека личниот пример е важен во мотивирањето на помладите жени да градат успешни кариери како менаџери, да се охрабрат да се борат за своите цели и соништа. Личниот пример треба да ја мотивира жената и во реализацијата и на приватен план, остварена како добар партнер и родител. Според моето мислење, клучни за успех и остварување на замисленото се индивидуалната амбиција, посветеноста и желбата за постојано надградување, без оглед дали зборуваме за маж или за жена. Во денешно време можностите за успех на жената во бизинис-светот се значително зголемени, а тоа, пред сѐ, се должи на промовирањето успешни примери жени менаџери, како и на разните форми на соработка што јас лично ги поддржувам и активно учествувам секогаш кога тоа ми го дозволуваат обврските.
Статијата е прочитана 2981 пати.