Инспиративен концерт на хрватскиот ZZ Quartet на „Охридско лето“
Силни инспиративни импулси ѝ пренесоа на публиката членовите на познатиот ZZ Quartet кои вчеравечер музицираа во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамките на музичката програма на „Охридско лето“.
На репертоарот беа оригинални композиции на гитаристот во составот, Ратко Зјача, кој е еден од најнаградуваните хрватски гитаристи и композитори. Освен него настапија и Вид Јамник на удиралки, Мартин Ѓаконовски на акустичен контрабас и тапанарот Јоже Задравец.
„Изведовме музика од моите најрани албуми, еден пресек на мојата работа во изминатите 10 години. Зад нас како квартет стојат снимени четири албуми со авторска музика. Најновиот лајф албум излезе пред еден месец, а беше снимен пред пандемијата на два фестивала во Италија“, рече Зјача.
Музичкиот идентитет на овој квартет рефлектира и апсорбира различни музички стилови, а една од неговите најважни карактеристики е индивидуализмот и неверојатната умешност на неговите членови да ја избришат границата помеѓу нотираната музика и импровизацијата.
„Музиката за мене е рефлесија на животот. Каков живот живееш, таква музика имаш, што значи дека мора да се научи човек да имповизира во животот. Тоа се пренесува и во музиката, но бара многу трпение и вежбање. Во еден момент станува дел од животот. Како музичар секојдневно и на секој концерт сакаш да примениш нешто што и тебе и на публиката ќе ѝ биде интересно, да научиш нешто ново. Мене тоа ми е мото во музиката, да се излезе од комфорната зона, зашто ако се свири постојано едно исто нема напредок ни за уметникот, ниту за околината. Така беше и вчеравечер, излеговме од комфор-зоната“, појасни Зјача.
Кај него се уште се свежи сеќавања од настапот на овој музички состав на „Охридско лето“ пред 18 години.
„На истото ова место свиревме во 2003 година и концертот ми остана во незаборавно сеќавање со атмосферата, публиката, градот и гостопримството на луѓето. Години мислев на тоа. Претходната зима дојдов во контакт со одговорните за фестивалот, и еве, имавме среќа концертот во Охрид да го вклопиме како дел од нашата летна турнеја“, кажа познатиот хрватски гитарист и композитор Ратко Зјача.
Концертот на членовите на ZZ Quartet беше дел од нивната летна турнеја со која настапуваат во Унгарија, Италија, Хрватска, Словенија, Србија....
Статијата е прочитана 638 пати.