Промовирана „(Калеидо)скопски шеми“ од Љубомир Грбевски
„(Калеидо)скопски шеми“ е петтата книга на познатиот новинар и музички критичар Љубомир Грбевски – Џери која беше промовирана деновиве. Книгата, наменета за тинејџерите и со поднаслов: „Улични легенди и урбани песни удобни како чевли тесни“ е издадена од „Авант прес“ со поддршка на Министерството за култура.
На промоцијата на присутните им се обрати Горјан Лазаревески, кој од име на издавачот рече дека е убаво што и покрај актуелните услови на пандемија се случуваат промоции на нови книги. А, за книгата говореа и двајцата рецензенти: Ѕвездан Георгиевски и Александар Прокопиев.
„Воопшто не е лесно во себе да се пронајде логиката на детското и тинејџерското размислување, она што повеќето од нас, се чини, трајно го имаат загубено. Но, авторот не само што успешно се справува со овој предизвик, туку оди и подалеку. Тој не го поставува во преден план сопственото тинејџерско искуство, како што тоа обично го прават авторите во оваа област, туку се идентификува со сегашните тинејџери“, вели Ѕвездан Георгиевски во својата рецензија.
Тој на денешната промоција рече дека иако ова е книга за деца и тој уживал кога ја читал.
„Со големо задоволсво ги прочитав песните на Џери кои се наменети за денешните деца. За разлика од класичната македонска поезија, тука нема многу пасторали, рурални моменти. Но има интересни ликови и се што го сочинува светот на денешните деца. Но, не би било добро да ги нема принцовите, принцезите, змејовите и тоа онолку колку што треба да ги има. Мене ме одушевува ритамот на поезијата. Лесната читлавост се должи на метриката, темпото, а се се тоа музички термини, но тоа не треба да нѐ зачуди, поради поврзаноста на Џери со музиката, како долгогодишен новинар во повеќе медиуми. Во оваа книга темите се прилагодени на урбаното живеење, на интернет-генерациите или насочени кон убавата култура“, рече Георгиевски.
Писателот Александар Прокопиев, инспириран од книгата напишал посебна читателска азбука, со сите епитети што се однесуваат на неа. Па така А е апла штосно, акустично, акробатично, Б- бајковито, блескасто, брзозборно…и така сѐ до Ш- шашкасто, шарено, шиууш-бушаво.
Прокопиев, непосредно пред почетокот на промоцијата создаде и една рокен рол нумера, што ја изведе пред присутните.
Со своја песна „Тивко умира оној кој не слуша музикa“, на текст на долгодишниот соработник и пријател Џери, настапи и Јаков Дренковски, а потоа со својата гитара ја придружуваше и актерката Елизабета Клинчаревска Младеновска, која прочита две песни, а сосема непланирано една песна прочита и глумецот БлагојаЧоревски.
Љубомир Грбевски – Џери на сите им се заблагодари што дојдоа на промоцијата.
„Сѐ што треба за книгата јас кажав на нејзините страници. Ви посакувам добро здравје и ви се заблагодараувам што ме почитувате мене и убавиот збор“, рече тој.
Љубомир Грбевски е познат новинар и музички критичар. Покрај новинарската активност, пишува и белетристика, рок-поезија, како и песни и драмски текстови за урбана тинејџерска популација. Збирката „Стихови празни и рими безобразни: (антипесни за тинејџери)“, е негова дебитантска книга која доживеа две изданија (1991 и 1992), книгата „(Хоро)скопски шеми“ во печат се појавува 2009 година. Во 2016 година излегува неговата книга „Бајки тралалајки за урбани клинци и напредни мајки“, а во 2019 книгата „Лет со умот, кон папокот наУниверзумот“.
Статијата е прочитана 957 пати.