Со проектот „Сега“ официјално е отворена изложбата на БИНА – македонскиот претставник на 17. Биенале на архитектурата во Венеција

Вчера официјално беше отворена изложбата на Бирото за иновативна архитектура (БИНА) кое ја претставува Република Северна Македонија на 17. Биенале на архитектура во Венеција, Италија.

Проектот на БИНА, со комисионер Дита Старова Ќерими, уметница и директорка на Националната Галерија на РСМ, а под кураторство на архитектот Бекир Адеми и универзитетскиот професор Јордан Шишковски, е сместен во атриумот на Палацо Зорзи, маркантна ренесансна палата во квартот Кастело, во која се наоѓа седиштето на регионалната канцеларија за Европа на УНЕСКО.

Овој пат, тематската определба на Биеналето е прашање поставено од страна на Хашим Саркис, еден од водечките умови во архитектурата и филозофијата во светот денес. Авторите на проектите одговараат на прашањето „Како ќе живееме заеднo?”.

Проектот „Сега“ ја зема предвид состојбата на итност за промени во општеството и открива два аспекта на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архетипизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште. 

 

 „Ова не е првпат нашата канцеларија да биде домаќин на националниот павилјон на Северна Македонија во рамки на Биеналето во Венеција, но треба да нагласиме дека е посебен и доаѓа по многу тежок период за сите нас. Изложбата на Биеналето во Венеција 2021 година е првиот голем меѓународен културен настан повторно отворен за време на пандемијата“, изјави Матео Росети, претставник на регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, организација која што со задоволство го отстапи атриумот на палатата за потребите на изложбата.

 

Комисионерот Старова Ќерими даде краток осврт на проектот како визуелизација на потрагата по конечниот одговор за животот и домот, рефлектирана прекуформата на проектот. Појасни дека проектот „Сега“ ја рефлектира идејата за заедно или заедништво преку вечното единство на дуалитети, што е веднаш воочливо во односот на микро и макроструктурата, а во себе инкорпорира повеќе различни толкувања на односите внатре-надвор, приватно-јавно, отворено-затворено, дом-општество, поаѓајќи од индивудуата како основна клетка во колективитетот.

„За мене е најважно што во Венеција, преку нашиот исконски поставен проект ’Сега’ донесовме една синтеза за значењето на зборот ’дом’ и верувам дека на најдобар начин ја претставуваме нашата земја и архитектура на оваа исклучителна манифестација каде што рамноправно цврсто се презентираме на 17-тото Архитектонско Биенале. Отсега, па до крајот на ноември архитекти и ентузијасти од целиот свет ќе се презентираат во Венеција, Италија на 17-та меѓународна изложба на архитектурата во организација на Ла Биенале ди Венеција. Венециското биенале за архитектура е како Олимпијадата на архитектурата која ги обединува светската перспектива и дијалогот. Таа е концентрација на креативната  генијалност од целиот свет.

За нас претставува ретка можност да се претставиме достоинствено како земја на една од најпрестижните манифестации која традиционално се одржува. И покрај светската пандемија која на глобално ниво ни донесе многу општествени промени, истрајноста не охрабри и донесе да покажеме дека имаме проект кој коренспондира на прашањето ’Како ќе живееме заедно?’ Како комесар на целата екипа на чело со Бекир Адеми ви посакувам многу успеси“, рече Старова-Ќерими.

Авторот и куратор Бекир Адеми го опиша објектот како симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот, додека, пак, Шишовски нагласи дека претставниците на проектот „Сега“ се особено благодарни на директорката на канцеларијата на УНЕСКО во Палацо Зорзи, Ана Луиза Масот Томпсон-Флорес, како и на генералниот конзул на РСМ во Венеција, Стојан Витанов за дадената поддршка околу просторот и организацијата на овој настан.

Министерката за култура, д-р Ирена Стефоска им се обрати на македонските претставници на Биеналето преку видео-врска и притоа им порача да бидат задоволни и да стекнат драгоцено искуство, а проектот да привлече завидно внимание.

„Погледот на креативниот свет во моментов е насочен токму кон Венеција. Македонскиот павилјон го краси вашата визија која убедена сум дека го дава одговорот на тематското прашање на ова биенале: ’Како ќе живееме заедно?’. Впрочем, и главниот куратор на ова Биенале, Хашим Саркис ве повика токму вас, архитектите, и покрај политичките поделби и економската нееднаквост во светот, да обмислите простори во кои можеме да живееме заедно“, рече меѓу другото Стефоска.

17. Венециско биенале на архитектурата се случува со одложување од една година заради поместувањата кои ги предизвика Ковид-19. Биеналето оваа година вклучува 112 учесници од 46 земји, со делегации од Африка, Латинска Америка и Азија и со широко женско претставување. Македонија во континуитет веќе деветти пат се претставува на оваа најпрестижна манифестација, од 2004 година.

 

 

 


Статијата е прочитана 749 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско