Ова е време на личности кои умеат да повлечат кон врвот

Интервју со Ели Танасковска, уредник и водител на Национална телевизија во кое зборува за љубовта и доследноста кон националниот ТВ сервис, за почетоците во Детската радио драма, за тоа колку време и што е потребно за да се изгради квалитетен телевизиски кадар, за инспирацијата за создавање креативни емисии, за улогата на семејството на патот до успехот во кариерата, како и за тоа колку личниот пример придонесува за успешноста на жената во професијата, менаџерството и лидерството

 

 

МАРИЛИ: Целиот свој работен век го поминавте во МРТВ, а во моментот сте актуелен уредник и водител на емисијата Неделен магазин. Зошто останавте посветена на националниот сервис и покрај турбуленциите низ кои минаа општеството и медиумите во Македонија? 

ТАНАСКОВСКА: Краткиот одговор би бил - „Никогаш не ме напушти вистината дека еден од столбовите на идентитетот на земјата е квалитетен јавен сервис. Секоја силна држава има силен јавен сервис. Тој е огледало на системот!“ 

Подолгиот - имав можност да бидам во други тв медиуми, високи канцеларии, министерства. Силно и од срце се заблагодарив за укажаната чест и прилика, но... Јас, едноставно, оваа куќа ја сметам за мој дом. Тука, на 8 години научив што е дикција и радиофоничен глас. Тука, во тогашната Детска радио драма учев како да се однесувам со микрофонот, со камерата. Како да се интерпретира текст. Таа Детска радио драма ме научи да го негувам и љубам литературниот јазик. Тоа беше една институција. Академија за протокол, манири, бон тон, дисциплина, одговорност. Бев мала, најмала од сите кога за прв пат се одвоив од семејството, заминавме на зимување во Крушево. Не престанував да плачам за дома, не јадев, не спиев, но, искуството на режисерката ме направи посилна, ме подготви за животот од мали нозе. Нема откажување, нема враќање! И бескрајно сум благодарна на сите спартански тренинзи! 

 

МАРИЛИ: Од мали нозе сте со радиото и телевизијата. Според Вас, колку време е потребно за да се изгради еден квалитетен кадар во национален ТВ сервис?

ТАНАСКОВСКА: Како и за секоја професија - индивидуално. Не вредат веќе критериумите кои важеле порано. Да имаш радиофоничен глас, да си образуван, телевизичен, да владееш со материјата. Сите сведочиме дека за оваа професија е важно да имаш само добра конекција со одговорните . И затоа, како и во сите професии паднаа критерумите. Ќе споделам нешто од моето искуство од радиото. Прекрасни и неповторливи гласови на спикери. Говореа течно, мазно како мед, чисто без говорни маани, со мелодија, ритам, како музика. Длабоки гласови кои влеваат доверба.  Секој беше препознатлив. И секој имаше своја област. Тој што интерпретира поезија, не чита вести. Тој што анализира политика, не соопштува теми од забава. Затоа зборот тежеше. Затоа информацијата добиваше вистина! Луѓето треба да имаат доверба во презентерот, новинарот! Жалам што се изгуби грижата за градење и создавање кадри. Новите факултети само продуцираат кадар за човечки ресурси. Во пракса , не се обучуваат за таа намена. Нема смена на генерации. Ја нема старата школа која од избрани по највисок критериум кандидати, ќе го спроведува процесот на унапредување, учење, надградба. 

 

МАРИЛИ: Вашата професионалност се реализираше и низ бројни проекти, меѓу кои и повеќе интернационални. Наведете ги најзначајните?

ТАНАСКОВСКА: Да, почнуваш како помлад соработник, потоа „ги одиш скалите“. Така, барем јас се развивав. Многу учев и многу се подготвував. Познавањето странски јазици ми овозможи видео мостови со разни земји. Грција, Азербеџан, Полска, Шведска... Работев на проекти од документарна програма за меѓународна соработка ЕРНО. Бројни семинари, работилници, обуки. Бев генерален секретар на медиуми од ЈИЕ за ЕДУ центар на медиуми. Детски евровизии, евровизии, избор на убавици... Тоа е едно непроценливо искуство, вистинско богатство. Ги запознавате најголемите експерти, тв брендови. Со нив рамо до рамо дискутирате, елаборирате, работите. Добивате значајни информации. Со ХРТ и ТРТ имавме одлична соработка. Бев гостинка на многу важни програми. Ја доближував својата земја преку себе. Ја афирмирав културата, бев сведок на доаѓање на нови технологии, адаптирање на брзи промени и ефективно работење. Стекнав доживотни пријателства. 

 

МАРИЛИ: Сте работеле и на голем број репортажи, меѓу кои најчести се од Канада, каде патувате често. Имавте ли можност да го запознаете нивниот ТВ сервис и какви се Вашите впечатоци? 

ТАНАСКОВСКА: Мојата дарба за пишување и описно раскажување ми овозможи да уживам низ патеписните репортажи. Тие се навистина феномен. Најгледаниот жанр. Цела Европа на дланка. Егзотични земји, острови, планини. Континенти. Америка, Канада, Куба, Доминикана, Јамајка, Хаити... Неколку пати имав директна покана, професионална секако, од Австралија, но, некако не се погодија термините. И за Кина имав покана на мое име да бидам гостин на СиСиТВ, но ја подарив на две мои колешки.

Во Канада бев гостинака на ТВ ОМНИ, кои прават програма за Америка и Канада. Разменивме искуства околу традицијата, културата, обичаите, професијата. Присуствував на неколку атрактивни тв шоуа, одблизу ја гледате цела магија, гламур. Односот кон водителот кој е почитуван, вреднуван. Околу него цела огромна екипа. Затоа се ѕвезди! 

 

МАРИЛИ: Телевизискиот медиум е исклучително динамичен и бара постојана креативност. Од каде ја црпите инспирацијата за емисиите?

ТАНАСКОВСКА: Од многубројните контакти. Директно или индиректно. Долги години сум во овие води. Следам се, гледам се и не ми бегаат интересните личности. Но, многу често и самите ми пишуваат, добивам препораки. 

 

МАРИЛИ: Колку пишувањето, особено поезија се присутни во Вашето секојдневие и колку Ви помага во професијата? 

ТАНАСКОВСКА: Премногу. И моите гости бирам да се благородни, топли, знајни, посебни. Затоа ми е лесно да направам убав портрет за нив. Имаат богата градба, архитектура. Рамка. Мое е само да ги навезам зборовите, да ги обојам, да им додадам мирис и музика. Да ги оживеам. Секогаш сум поразлична од другите, зашто барам поразлично да ги претставам. Јас премногу ја сакам мојата работа. Уште кога ги запознавам новите приказни знам што е интересно и тоа доживување кое поминало како бран низ мојата душа го пренесувам. Да, умеам со зборовите. Ги китам како цутови на гранка, затоа што истите личности заслужуваат да бидат посебно вреднувани, опеани.

 

МАРИЛИ: Повеќе од 10 години сте дел од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ и станавте нејзин препознатлив бренд. Како го чувствувате овој проект на агенцијата „Марили“ и колку сите тие жени беа вистинска инспирација за Вас? 

ТАНАСКОВСКА: Уште од моментот на првата манифестација, преку емисијата „Добро утро, добар ден“ ја почувствував посебноста и инвентивноста на овој настан. Видов визија, лидерство, видов поинаков третман на женското претприемаштво и негов поттик. Ми беше предизвик да видам како таа галерија од моќни жени работи, како го спојува домот, семејството. Ова е навидум настан кој трае два часа. Промоција на професии, менаџерки, фирми, компании, квалитетна културна програма , но, вистината е дека е настан кој се подготвува цела година. И еве, признавам, бара многу посветување. Јас ги читам сите интервјуа, курикулуми, создавам верзија во својата глава, ги доживувам лично. Потоа правам кус портрет. И секогаш, ама секогаш по настанот ми приоѓаат овие вредни жени да ми кажат дека сум ги погодила во срце. Постои една професионална и космичка поврзаност со генералниот менаџер на агенција „Марили“, г-ѓа Лидија Трипуноска. Ние со години се научивме да комуницираме со поглед, со збор, со само една средба. Ама, зад таа леснотија стои една голема кула од години долга и професионална соработка. Мора да признам и тимовите до неа со кои се реализираа овие мултимедијални големи настани беа фантастични. 

 

МАРИЛИ: Вие сте професионално успешна жена. Но, каква е улогата на семејството на патот до успехот во кариерата? 


ТАНАСКОВСКА:
Огромно. Само хармонија, силна емоција и разбирање може да ви овозможи релаксирано чувство и поле за изразување. Со мојот сопруг сум од средношколските клупи. Тој ми е десна рака за видео презентации и компјутерски подготовки. Поголемата ќерка е оддамна во Канада, но поприсутна преку видео секојдневно. Многу реализации и комуникации низ светот ги имам заради неа. Леона ми помага околу домот, околу разговори, совети кон помладата генерација. Јас уживам во семејството. Одлично готвам, аранжирам, уживам со гости, роднини пријатели. Ете, и по толку години нашите одмори летни, зимски се уште се со нашите деца. Заеднички. 

 

МАРИЛИ: Колку, според Вас, личниот успех може да биде пример за успешноста на жената во професијата, менаџерството и лидерството во нашата земја?

ТАНАСКОВСКА: Верувам во личности, верувам во индивидуално отскокнување, верувам во личен придонес и пример. Ова е време на личности, не на маса. Личности кои умеат да повлечат кон врвот. Да мотивираат, да наметнуваат вкус, квалитет. Да покажат дека само преку квалитет и високи критериуми се доаѓа до вистинската цел. Да испорачаат квалитет. Да создадат тим сроден по афинитет и квалитет. Така се препознава водство. Така се дава шанса на најуспешно менаџирање.

 


Статијата е прочитана 1774 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско