Над 100 домашни и странски компании на „Macedonia Manufacturing Expo 2019″

Во организација на Асоцијацијата на метална и електроиндустрија МАМЕИ и делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, а со поддршка и на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД и Холандската амбасада денеска и утре ќе се одржи третиот Саем за лесна индустрија – „Macedonia Manufacturing Expo 2019″.

На настанот учествуваат 100 компании производители, 33 компании купувачи и 15 директни странски инвестиции. Покрај домашните компании, учествуваат и претставници на компании од Германија, Холандија, Јапонија, Грција, Словенија, Србија, Црна Гора, Албанија и од Косово.

„Присуството на овој настан е показател дека металната и електро индустријата во државата има што да им понуди на извозните пазари. За прв пат годинава на саемот присуствуваат и компании добавувачи од Косово, Албанија, Србија и Црна Гора, што покажува дека компаниите од целиот регион растат во значење и атрактивност“, рече министерот за кономија, Крешник Бектеши, додавајќи дека како релативно мали економии, клучно е на поголемите пазари да се настапува партнерски, како регион, за да се оствари поголем успех.

Претседателката на МАМЕИ, Марта Наумовска Грнарова истакна дека како асоцијација пет години вложуваат во промоција на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија.

„Нашата мисија е да ги поврземе домашните производители од оваа индустрија со странски компании купувачи, да им го олесниме излезот на светските пазари. Резултатот од минатогодишната конференција се потпишани договори од околу половина милион евра. Сметаме дека ова е одлична бројка, особено ако се земе предвид дека станување добавувач на странска компанија е долгорочен процес. Минатата година беа реализирани 400 претходно закажани состаноци во еден ден, оваа година ќе ја надминеме оваа бројка, сметам дека тоа е уште една потврда колку овој настан и е потребен на македонската индустрија“ , рече Наумовска Грнарова.
 


Статијата е прочитана 1004 пати.

Сподели: